Поп пејачката Ријана ја претстави својата прва колекција на Лондонската модна недела, а на ревијата можеле да присуствуваат само оние кои добиле покана.
Колекцијата е плод на успешната соработка на ѕвездата со британскиот бренд „River Island“, а била претставена на зачадена сцена збогатена со гласни хип-хоп звуци.
За изненадување на присутните било што на ревијата немало ништо необично, шокантно или премногу провокативно како што се очекуваше, со оглед на смелиот имиџ на пејачката.
Забавната колекција е наменета за млади девојки и во неа преовладуваа кратки фустанчиња кои откриваат малку повеќе од нозете. Најголем дел од облеките кои беа прикажани имаат монохроматски изглед и се еднобојни. Ријана исто така се потрудила да направи и неколку елегантни тоалети од кои повеќето биле црни со бел цветен дезен.
На крајот на ревијата пејачката се поклонила на публиката на необично срамежлив начин, но сепак среќна и насмеана. Таа на себе носела краток црн фустан. Колекцијата на Ријана би требало кон почетокот на март да се најде на продажба во Британија, САД и Јапонија.