Најмнобројната земја по жители во светот е позната по својата ригорозна контрола на глобалната мрежа, меѓутоа, што е она што е потребно за да се цензурира толкав број на содржини и да се искривува сликата врз 560 милиони корисници на интернет.
Првиот е-маил испратен од Кина на 14 сепемри 1987 година бил оптимистичен: „Преку големиот ѕид можеме да допреме до секој агол од светот“, Сепак, само дел од 560 милиони интернет корисници во Кина, денес имаат таква можност, со оглед на ригорозната државна контрола на глобалната мрежа.
Во извештајот „Слобода на интернетот“ кој го објави американската организација Куќа на слободата, Кина е рангирана како трета најрепресивна земја по прашање на интернет пристапот, веднаш зад Иран и Куба (Северна Кореја не се ни смета, бидејќи обичните луѓе таму не смеат воопшто да користат интернет).
Главното прашање кое се поставува е, како Кина успева да го цензурира интернет пристапот на толкав број корисници?
Два основни начини со кои се служи кинеската власт при контрола на мрежата се Големиот Фајрвол, како што го нарекуваат странците, што го ограничува пристапот до странски веб страни, и Златниот Штит – систем за надзор кој во 1998 година го постави Министерството за безбедност. Разни владини и провинцијални тела, исто така, имаат свои системи за мониторинг.
Кина започна со блокада на странски содржини на интернет од „Гласот на Америка“ и сраниците на неколку невладини организации. Од тогаш, филтрите станаа софистицирани и сега може селективно да се блокира само одредена страна во рамки на сајтот, како и одредени термини и резулати од пребарувањата.
Кинеските интернет провајдери редовно добиваат од владата список на забранети клучни зборови, а многу сајтови се блокирани первентивно бидејќи провајдерите не сакаат „случајни проблеми“ со властите.
Околу 100.000 луѓе се вработени од страна на државата и приватните компании за да ја одржат интернет цензурата. Дури постојат и луѓе кои се платени да објавуваат про-владини пораки и разговори за да ја „насочуваат“ комуникацијата на корисниците.
Најбрутални казни добиваат оние кои преку интернет повикуваат на протести, дури и кога е во прашање некоја агенда што ја поддржува владата. Значи, основна задача на интернет цензурата е да се оневозможи било каква политичка активност.