Новото откритие може да го поплочи патот за нови напредоци во одгледувањето на органи.
Научниците од универзитетот Стенфорд успешно го развија првиот човек-овца хибрид, што претставува револуционерен момент во медицинското истражување. Меѓувидовата химера – како што ги нарекуваат овие организми – ја развиваат со цел да одгледуваат човечки органи во животинско тело.
И други институти се обидоа, но ниту еден не стигна ни близу до постигнувањето на Стенфорд. Овие видови експерименти, патем, имаат согласност и меѓу академската сцена, и од законот.
Експертскиот тим биолози во полето на матични клетки, предводен од Хиро Накуачи, успеал да имплантира човечки матични клетки во ембрион од овца. Научниците генетски го модифицирале ембрионот така што да не може да развие панкреас.
Целта, и надежта, е дека празнината ќе биде пополнета од човечки клетки кои ќе формираат човечки панкреас во ембрионот.
Експериментот со развојот на хибриди, меѓутоа, може да трае најмногу три недели, бидејќи моменталните закони го забрануваат понатамошниот развој. Сепак, од тоа како досега се развиваат човечките клетки во фетусот, научниците се убедени дека се на прав пат.
Овците, патем, во некои свои органи имаат прилично голема физиолошка сличност со човечките, затоа и се добар модел за вакви истражувања. Всушност, овците се вклучени во многу револуционерни експерименти, а и првото клонирано животно беше овца.
Експериментот може да отвори врати и кон други полиња на проучување, но моментално биолозите се најзаинтересирани за одгледувањето човечки органи и нивното „жнеење“ за трансплантација.
Претходните експерименти со глувци сугерираа дека такво нешто е можно; панкреасот одгледан во здрав глушец беше успешно пресаден во глушец со дијабетес, и ја излечи болеста…
Здруженијата за заштита на животните, очекувано, изразија големо незадоволство. Тие го оспоруваат ваквото истражување на морална и етичка основа, и сметаат дека е ужасен криминал како кон животните, така и кон луѓето.
Д-р Пабло Рос, соработник на Накуачи, признава дека загриженоста околу етиката на експериментот е разбирлива, но вели дека нештата не се така едноставни. Објаснува дека „хибридот“ е далеку од овца со човечки телови (слична на некакви митски фантазии). Во фетусот има помалку од 0.01% човечки клетки, а целата поента е да послужи како сурогат за одгледување на човечки орган.
Ако научниците успеат во нивната цел да одгледуваат органи, тоа ќе претставува огромно постигнување кое ќе понуди подобри медицински решенија за целото општество, а ќе ги скрати и листите на чекање, а можеби и ќе ја спречи нелегалната трговија со органи.