Рекордни 1.100 угинати делфини за само три месеци во Франција

На францускиот атлантски брег, од јануари наваму, пронајдени се рекордни 1.100 мртви делфини, за кои се претпоставува дека веројатно се жртва на индустрискиот риболов. Информацијата, очекувано, ја крена француската јавност на нозе.

Покрај рекордната бројка, француските истражувачи се шокирани и од самата бруталност и начинот на кој се убивани овие многу интелигентни цицачи. Имено, телата на делфините биле ужасно осакатени, а перките исечени.

Масовната смрт на делфините, за која во голема мера е виновен агресивниот индустриски риболов, ги мобилизираше здруженијата за заштита на животните, но и францускиот министер за екологија, кој ќе покрене национален план за да ги заштити.

„Никогаш немало толку голем број мртви делфини“, вели Вили Добин, член на Националниот центар за научни истражувања при универзитетот Ла Рошел. Тој додава дека веќе вториот месец е надминат минатогодишниот рекорд, кој пак бил поголем од оној во 2017-та. А во 2017-та, внимавајте, имало најмногу мртви делфини во споредба со последните 40 години.

Според Добин, иако околу 90% од смртните случаи кај делфините настануваат поради случајно фаќање во индустриските мрежи, причината за посебно големиот број годинава е мистерија. „Која е таа рибарска машинерија или опрема одговорна за толкав број на угинувања?“, прашува тој.

Аутопсиите извршени на делфините покажуваат екстремно ниво на сакатење. Активистите за заштита на животните наведуваат дека е вообичаена пракса рибарите да ги одвојат деловите од телата на мртвите делфини откако ти ќе се фатат во мрежите, пред сè за да ги заштитат самите рибарски мрежи од оштетување.

Францускиот министер за заштита на животната средина – Франсоа де Ружи, во меѓувреме, предложи одредени мерки со кои би се намалила смртноста на делфините како последица од човечкото делување. Меѓу нив е и поддршка за истражувања околу постоечките звучни уреди за одбивање на делфините, кои се присутни на некои од рибарските пловила во Бискајскиот залив – жариштето на индустрискиот риболов во Атлантскиот океан. Кога се активираат, овие уреди шират звучни сигнали кои за делфините се непријатни, па со тоа ги разбркуваат.

Меѓутоа, здружението за заштита „Sea Shepherd“ веќе ги оцени таквите мерки како бескорисни. Тврдат дека делфините не се оддалечуваат доволно далеку од бродовите (т.е. сигналите се неефективни), но уште пострашно, и дека многу од рибарите во регионот намерно не ги активираат одбивачките направи, од страв дека покрај делфините, сигналите ќе ги исплашат и драгоцената риба која ја ловат. Ги вклучуваат само кога некој од претставниците на здруженијата за заштита ги проверува бродовите, велат.

Исто така, за неприфатливо долгорочно решение здруженијата го сметаат и зголемувањето на бројот на уреди за одбивање на делфините, бидејќи со таквиот потег океанот би станал неподнослив за живот поради „звучно загадување“. Тие инсистираат на поинакви, системски решенија.

- Реклама -