Регионалното поврзување како дел од идното интегрирање во ЕУ останува приоритет за двете држави, кажаа Мицкоски и Вучевиќ

Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.

Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.

-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски истакна дека зборувале и во делот за енергетското поврзување на двете земји.

-Ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа, овој интерконктор е исклучително значаен, нагласи Мицкоски.

Српскиот премиер од своја страна, исткна дека Северна Македонија и Србија имаат традиционално добри односи, и се согласи со Мицкоски дека клучно за Србија е изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Северна Македонија.

-Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Северна Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава.

Покрај гасниот интерконектор станало збор и за нафтоводот кој земјавата е во фаза да го пушти во употребува и кој ја поврзува со Грција, односно, како што рече Мицкоски, а потврди Вучевиќ, дека би било добра опција нафтоводот да биде поврзан и со Србија и да се обезбеди уште еден коридор. Двајцата премиери зборувале и за железничкото поврзување.

-Зборувавме за изгрдаба на брзата пруга која што е дел од коридорот 10, која што претстaвува стратешки приоритет на нашата Влада, исто како што е и коридорот 8, но заеднички приоритет е изградба на коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот јужен сосед. Присуствувавте и на потпишување на Меморандумот за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа да биде дел од идното поврзување и интегрирање на регионот во рамки на ЕУ, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски-Вучевиќ: Силно го поддржуваме заедничкиот пат кон ЕУ, неопходно е да работиме за стабилност и безбедност на целиот регион

На денешната средба во Скопје, двајцата премиери договориле и продолжување на одржување на заедничка меѓувладина седница, што македонската Влада ги одржува и со другите соседи.

-Мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме, Како македонска Влада наша ориентација е да ги градиме добрососедски односи со сите наши соседи и заеднички како регион да бидеме наскоро дел од ЕУ, посочи Мицкоски.

Вучевиќ кажа дека зборувале и за надоградба на проектот уан стоп шоп за натамошно олеснување на административните бариери, а меѓу другото ја потенцира важноста на коридорот 10 за Србија, но и за регионот и земјите од централна Европа.

-За Србија е многу значајно прашање да ја слушнеме стратешката определба на Северна Македонија дали коридорот 10, пред се железничкиот коридор, е стратешки правец за железничка инфраструктура, за железнички транспорт. Тоа е единствена прилика заедно со европските партнери, зборуваме за Австрија, Унгарија, Грција, да се поврземе меѓу Виена, Будимпешта, Белград, Скопје, Софија и Атина. Тоа е сето тоа што во моментов може да се сонува, а ќе ја поврземе поврземе средна Европа со Медитеранот, Егејското Море односно со грчките пристаништа, а нашите држави со централна Европа. Предност за нас е заеднички да ги развиваме овие патишта. Верувам дека интересот и на Северна Македонија и на Србија е да се споиме и железнички преку брза пруга меѓу нашите две држави. Скопје и Белград ќе бидат многу поблиску, но и Атина и Будимпешта и Виена ќе бидат многу блиски преку нашите држави. Луѓето полесно ќе патуваат, полесно ќе се врши трговија и луѓето ќе живеат подобро, а тоа е интерес на сите држави, рече српскиот премиер.

Во однос на заедничката меѓувладина седница, тој информира дека таа треба да се случи до крајот на 2024 година, во Ниш, за што треба да се договорот нивните кабинети, а што, вели Вучевиќ, ќе овозможи да се врати ритамот на билатералните односи во нормална процедура. Воедно, премиерот Вучевиќ упати покана до Владата и до македонските компании да учествуваат на ЕКСПО 2027 во Белград, како и покана до колегата Мицкоски за официјална посета на Србија.

По заедничка прес – конференција, Вучевиќ, според најавите, во рамки на еднодневната посета на Скопје, треба да одржи средба и со претставници од српските здруженија, културно-уметнички друштва, политички партии, како и српски компании кои работат во Северна Македонија.

- Реклама -