Речиси милијарда евра собрани на донаторската конференција за Украина организирана во Париз

На меѓународната конференција за поддршка на Украина организирана во Париз собрани се речиси милијарда евра донации, како помош за населението да ја преживее зимата, во мигови кога земјата е со уништена инфраструктура од руските напади, изјави денеска француската министерка за надворешни работи, Катрин Колона.

„Помошта достигнува, па дури и надминува 800 милиони евра“, како што побара украинскиот претседател Володимир Зеленски на отворањето на конференцијата, рече Колона.

„Всушност, среќна сум што можам да ви објавам дека ја надминуваме таа бројка и дека се приближивме до милијарда евра“, додаде таа на заедничката прес-конференција со украинскиот премиер Денис Шмихал.

Според Колона, од милијардата, 415 милиони евра се за украинскиот енергетски сектор, 25 милиони за вода, 38 за храна, 17 за здравството, 22 за транспорт, а остатокот или речиси 493 милиони евра сѐ уште не се распределени.

Прочитајте и:  Фицо: Во Украина се борат нацистички трупи, меѓународната заедница не реагира

„Нашата земја нема да потоне во темнина“, рече Шмихал, изразувајќи го своето задоволство од „силниот знак на поддршка од цивилизираниот свет” упатен до Украина.

„Ние сме им благодарни на сите земји кои сè уште се наши сојузници во овие мрачни времиња“, додаде тој, истакнувајќи дека Украина ќе го врати својот суверенитет и територијален интегритет.

На донаторската конференција за Украина учествуваа 70 делегации и меѓународни организации организирана, како што рече францускиот претседател Емануел Макрон, „да им помогне на Украинците да ја пребродат зимата“.

МИА

- Реклама -