„ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не може да се помири дека вистината за случајот кој тие го монтираа со цел спасување на нивниот финансиер преку рушење на предметот ‘Империја’, конечно излезе на виделина“, велат од СДСМ, во реакцијата откако денес беше објавено видео на кое се снимени поранешната специјална јавна обвинителка осудена за „Рекет“ – Катица Јанева и (според фризурата и гласот) вицепремиерката и министер за одбрана – Радмила Шекеринска, како гости во домот на осудениот Бојан Јовановски алијас Боки 13.
„Фотографиите и видеата кои со месеци се пласираат од ВМРО-ДПМНЕ со цел да се прикаже наводна поврзаност на министрите на СДСМ со веќе осудените Бојан Јовановски и Катица Јанева, се јалов обид за дискредитација во кампањата“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека правната разврска на случајот е најдобар демант за тоа дека никој од нивната партија нема поврзаност со „Рекет“:
„Правната разрешница на овој случај е најдобриот демант за тоа дека министерката Шекеринска или кој било друг од СДСМ е инволвиран во овој случај“, се вели во реакцијата.