Реакции во Русија за артилерискиот напад во кој загинаа голем број руски војници

Расте гневот во руската јавност поради убиството на десетици руски војници во еден од најсмртоносните напади врз руските сили во Украина. Руски националисти, воени блогери и некои пратеници ги обвинија руските команданти дека ја игнорираат опасноста и бараат тие да бидат казнети.

Руското Министерство за одбрана објави дека 63 војници загинале на новогодишната ноќ во експлозија која уништила привремена касарна во стручното училиште во Макиивка, збратимениот град на окупираниот Доњецк во источна Украина.

Киев тврди дека бројката е многу поголема и дека во нападот загинале и се повредени околу 500 руски војници, а до сличен заклучок стигнаа и дел од руските блогери, чии проценки велат дека бројот на загинати е во рамките на „стотици“.

„Она што се случи во Макиивка е страшно“, напиша Архангел Спецнац, руски воен блогер со повеќе од 700.000 следбеници на Телеграм.

„Кому му текна да смести толку голем број луѓе во една зграда, каде што и будала сфаќа дека дури и да се пука со артилерија, ќе има многу ранети или мртви?“, прашува тој, заклучувајќи дека на командантите „им е сеедно“.

Прочитајте и:  Шојгу: Русија нема да преговара со Киев се додека не ги протера терористите од Курскиот регион

Григориј Карасин, член на рускиот Сенат и поранешен заменик-министер за надворешни работи, пак, повика на одмазда против Украина и нејзините сојузници, но и на „прецизна внатрешна анализа“.

Сергеј Миронов, пратеник и поранешен претседател на Сенатот, Горниот дом на Русија, повика на кривична одговорност за службениците кои „дозволиле концентрација на воен персонал во незаштитена зграда“, како и за „сите повисоки нивоа на власт кои не обезбедиле соодветно ниво на безбедност“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не го спомна нападот на Макиивка во неговото обраќање, но го потенцираше „новогодишниот“ руски бараж врз Украина.

„По истрелувањето на десетици проектили на 31 декември, Русија лансираше повеќе од 80 ирански дронови Шахид на 1 и 2 јануари и сите овие авиони беа соборени“, рече Зеленски, предупредувајќи дека Русија веројатно планира долгорочна кампања на такви напади за да ја „исцрпи“ Украина.

„Најверојатно смета на исцрпеност. Тоа ги исцрпува нашите луѓе, нашата воздушна одбрана, нашата енергија“, рече Зеленски во своето видео обраќање, потенцирајќи дека Русија не смее да успее во таа цел.

Извор: МИА

- Реклама -