Раст на цените на дериватите и на јавниот превоз во Германија по истекувањето на субвенциите

Берлин, 1 септември 2022 (МИА) – Цените на бензините и на јавниот превоз во Германија денеска пораснаа со истекувањето на владините субвенции, што уште повеќе ги оптеретува потрошувачите кои веќе се борат со високите трошоци за енергија.

Според најголемиот германски автомобилски клуб „ADAC“, просечната цена на литар бензин утрово е повисока за околу 0,25 евра споредбено со претходниот ден, додека дизел-горивото поскапело за околу десет центи.

Во Германија денеска заврши привременото намалување на данокот на бензин и специјалните месечни билети за јавен превоз по цена од девет евра што Владата ги воведе во мај за да ги намали несаканите ефекти од инфлацијата.

Намалената цена на билетот за јавен превоз беше поздравена како посебен успех бидејќи им овозможи на милиони луѓе да патуваат евтино низ земјата, намалувајќи ја емисијата јаглероден диоксид во атмосферата за околу 1,8 милиони метрички тони.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Екологистите повикаа на изнајдување начин да се продолжи попустот на билетите за јавен превоз, на што министерот за транспорт одговори дека идејата е во фаза на разгледување.

Владата се обидува да ги охрабри потрошувачите и компаниите да штедат енергија на кој било начин за да го спречат недостигот во зимските месеци, откако Русија драстично ја намали испораката природен гас за Германија.

Неодамна беше најавено дека зимава ќе се намалува загревањето на јавните објекти, како и оти ќе се исклучуваат рекламните паноа и осветлувањето во текот на ноќта.

- Реклама -