Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изјави дека некои членки на Алијансата би можеле доброволно да испратат војници во Украина.
Како што кажа, тоа сценарио може да се случи доколку Киев не добие гаранции за широк спектар прашања на претстојниот состанок на блокот, во јули, во Вилнус, Литванија.
Расмусен, кој сега е советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски и соработуваше со неговиот претходник Петро Порошенко, кажа дека на Киев треба да му се дадат писмени гаранции пред да се состанат лидерите на НАТО следниот месец, вклучувајќи размена на разузнавачки информации со Западот, трансфер на оружје и заеднички воени вежби.
„Доколку НАТО не може да се договори за конкретна мапа на акцискиот пат за Украина, постои јасна можност некои земји да преземат самостојни акции“, рече тој вчера, пренесува Гардијан.
Според Расмусен, Полска може да биде една од тие земји.
„Мислам дека Полјаците сериозно би размислиле да влезат во земјата и да формираат коалиција на волонтери доколку Украина не добие ништо во Вилнус“, рече тој.
Расмусен, по патувањето низ Европа и во САД, за време на кое се обиде да ја зајакне воената поддршка за Украина, тврдеше дека, доколку Киев го побара тоа, распоредувањето странски трупи во Украина ќе биде во согласност со меѓународното право.
Актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неодамна потврди дека во Вилнус ќе се разгледа одреден степен на безбедносни гаранции за Украина, но нагласи дека целосни гаранции можат да се понудат само на членките на Алијансата.
Алијансата прво вети дека ќе ѝ даде членство на Украина уште во 2008 година, а Киев официјално поднесе барање за приклучување во септември минатата година, иако прашањето за членството на Украина во Алијансата оттогаш позначително не е напреднато.
Неколку членки на НАТО станаа жестоки поддржувачи на членството на Украина во блокот и ги повикуваат другите западни земји да дефинираат јасен пат за Киев кон членство.
Групата источноевропски членки, познати како „Букурештката деветка“ пред два дена од Братислава објавија соопштение во кое го повикаа НАТО во Вилнус „да почне нова политичка маршрута што ќе доведе до членство на Украина во Алијансата“ и да се заложи за „поцврст, повеќегодишен и сеопфатен пакет поддршка за Киев“.
Иако Вашингтон постојано потврдува дека Украина еден ден ќе се приклучи на Алијансата, САД во моментов посветуваат поголемо внимание на актуелниот конфликт со Русија, надевајќи се дека подоцна ќе го решат прашањето за членството на Киев.
Меѓутоа, американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит, вчера за Гардијан изјави дека официјалните лица сега „разгледуваат низа опции за да го сигнализираат напредокот на Украина во односите со НАТО“, иако таа не прецизираше што може да значи тоа.
МИА