Range Rover Sport во битка со најбрзите теренци

Со новата генерација на Range Rover Sport британската компанија Land Rover направи вистинска револуција. Моделот е многу полесeн, подинамичен и многу постабилен на патот од својот претходник.

Новината располага со мотор со моќност од 510 КЅ, кој ќе нуди забрзување од 0 до 100 km/h за 5,3 секунди. Максималната брзина му е 225 km/h, но при нарачка на пакетот Dynamiс, моделот може да достигне 250 km/h. Со ова британскиот „спортист“ сериозно се наметнува за првото место во сегментот на најбрзите кросовери и теренци.

Вечниот конкурент Mercedes-Benz G65 AMG има исто забрзување како Range Rover Sport, а максималната брзина му е 230 km/h, што значи дека нема да може да и конкурира со овој показател на верзијата RR Sport Dynamic. Во исто време, сепак, G65 AMG е помоќен – 612 КС, а и е поскап.

Со најголем двигател во категоријата може да се пофали Jeep Grand Cherokee SRT8, кој се потпира на 6.4-литарскиот HEMI. Тој се разликува од Range Rover Sport како со моќта – 465 КЅ, така и со менувачот – 5-степен автоматски. До стотка забрзува побрзо – 4,9 секунди, а максимална брзина е 255 km/h и е многу поефтин.

Иако со помала моќ – 525 КЅ, Mercedes-Benz ML63 AMG е побрз од AMG верзијата на GL. Забрзувањето од 0 до 100 km/h e за 4,8 секунди, a погонот на четири тркала овозможува целосно да се откриjaт вистинските карактеристики на AMG моторите.

Доаѓаат на ред BMW X5 и X6 со прилог М кон нивното име. Тие имаат разлика во тежина, но благодарение на моторот со моќност 555 КЅ таа не се чувствува. Всушност овој V8 со зафатнина 4.4 литри и два турбополначи е првиот турбо мотор во историјата на единицата BMW M GmbH. Забрзувањето е за 4,7 секунди и максимална брзина од 250 km/h.

Porsche Cayenne Turbo S има 50 КЅ и 50 Nm повеќе од верзијата Turbo. Осумцилиндерскиот мотор со зафатнина од 4.8 литри располага со 550 КЅ и 750 Nm. Ова овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за 4,5 секунди, а максималната брзина e 283 km/h. Сепак, цената е многу висока, а и не е за занемарување фактот дека со низок профил гуми и активно потпирање овој ѕвер е погодeн претежно за автопат.

Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус

- Реклама -