Албанскиот премиер Еди Рама го доведе во прашање учеството на Албанија на Самитот на Европската унија што ќе се одржи на 23 и 24 јуни во Брисел, јави дописничката на МИА од Тирана.
Преку реакција на Твитер, Рама наведува дека разговарал со македонскиот колега Димитар Ковачевски и со српскиот претседател Александар Вучиќ, и додава дека гледа „не“ на крајот од Самитот.
Рама засега не откри дали ќе учествува на Самитот, но, како што напиша на Твитер, не гледа „што би правел таму“.
„Денеска долго разговаравме за Самитот на ЕУ со лидерите на Србија и Северна Македонија. Се чини дека уште едно ‘Не, простете ни!’ ќе биде она што ќе го слушнеме на крајот. Целата Унија киднапирана од Бугарија не е добар спектакл за гледање. Што ќе правиме таму?“, напиша албанскиот премиер.
МИА