Раиси: Иран нема да започне војна, но силно ќе им одговори на насилниците

Иран нема да започне војна, но „силно ќе одговори“ на секој што ќе се обиде да го малтретира, изјави денеска иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

-Нема да започнеме никаква војна, но ако некој сака да не малтретира, ќе добие силен одговор, рече Раиси во телевизискиот говор.

Според него, Вашингтон ја променил својата реторика и сега тврди дека нема намера да се судри со Иран, иако претходно предупреди дека на маса е и воена опција.

-Претходно, кога тие (Американците) сакаа да разговараат со нас, кажуваа дека и воената опција е на маса. Сега велат дека немаат намера да се конфронтираат со Иран, рече Раиси.

Иранскиот претседател нагласи дека Техеран не е закана за ниту една земја во регионот.

Си-Би-Ес Њуз вчера објави, цитирајќи американски официјални претставници, дека САД одобриле планови за повеќедневни напади врз повеќе цели во Ирак и Сирија, вклучувајќи и напади врз ирански персонал и објекти во овие земји.

Британските медиуми претходно објавија, повикувајќи се на изјави на четворица американски функционери, дека САД процениле дека Иран го изградил беспилотното летало што минатата сабота изврши напад врз американската база „Кула 22“ на границата меѓу Сирија и Јордан, во кој загинаа тројца , а повеќе од 40 американски војници беа ранети.

Изворите додаваат дека елитната иранска Револуционерна гарда ги повлекува високите офицери од Сирија.

Исламскиот отпор во Ирак, чадор група на неколку вооружени ирачки милитантни фракции поддржани од Иран, ја презеде одговорноста за нападите на јорданско-сириската граница, вклучително и напад со беспилотно летало врз американската воена база.

МИА

- Реклама -