На прв поглед, изгледа како прекрасно место за посета. Озерск го има сиот шарм на европски главен град: прекрасни паркови, пространи плоштади, езера и илјадници луѓе кои си бркаат дневни обврски во мир и хармонија. Но, погледнат однадвор, Озерск е фатен во мрежа од радијација, опкружен со стражари и ограда со дупла бодликава жица. Со декади, градот го немаше ни на мапите.
Во 1947-ма година, некаде на излезот од Студената Војна, Советите решија да изградат таен град каде што ќе развиваат нуклеарни оружја. Овој град беше моделиран според Ричмонд (во Вашингтон) – каде што САД ја создадоа „Fat Man“ – плутониумската бомба што беше фрлена врз Нагасаки на крајот на Втората светска војна. Наоѓајќи се длабоко во Русија, областа беше наречена „Град 40“ и стана родно место на првата советска нуклеарна бомба. Илјадници Руси беа релоцирани во отсечениот град кој го изградија руски затвореници, вклучувајќи ги и научниците и техничарите кои требаше да работат на нуклеарната централа Мајак.
На овие луѓе им беше дадено сé што еден Русин во тоа време можеше да посака: добро-платени работни места, живеалишта, одлична едукација и безбедност. Се разбира, сето тоа имаше своја цена. Тие луѓе се откажаа од својата слобода и конекцијата со надворешниот свет. И денес, повеќе од три генерации подоцна, малку е сменето: градот сé уште е дом на најголемиот дел од руските нуклеарни резерви, а се чува во тајност како што се чувал и порано.
Режисерката Самира Гечел, која вели дека успеала да добие пристап до „забранетиот град“, ја раскажува приказната во новиот истоимен документарец – „City 40“, во кој локални жители се согласуваат да зборуваат пред камерата, но на сопствен ризик. Документарецот премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Hot Docs во Торонто.
„Престојувавме надвор од градот неколку дена. Веднаш до градот има голема шума. Баравме начин како да се прикрадеме, но беше невозможно. Има огради од дупли бодликави жици, градот е тешко чуван, па е апсолутно невозможно да се влезе. Веднаш знаев дека ни е потребна помош од внатре. А тие од внатре знаат дека не смеат да зборуваат со никој од надворешноста. Секој од надвор е непријател. Тоа не важи само за странците, туку и за Русите кои живеат надвор од градот. Овој менталитет на параноја сé уште е присутен таму“, раскажува Гечел. На крајот вели дека едноставно скокнала во градот (што и да мисли под тоа), надевајќи се дека луѓето ќе ја прифатат и ќе зборуваат. За среќа, налетала на такви.
Во документарецот, жителите на Градот 40 се споредени со животни во зоолошка. Добро се згрижени, но не можат да излезат надвор. „За да ги натера луѓето да останат – не дека инаку ќе избегаа – но за да се осигура дека ќе бидат среќни таму, владата создаде рај за нив. Тие имаа сé што би можело да им биде потребно, па и повеќе, во споредба со надворешниот свет, каде што луѓето немаа апсолутно ништо. И не беа ставени на ниту една мапа, беа држава во држава. Нивните идентитети беа избришани. Не постоеја надвор од градот. А за мене ова беше практично како да влегов во епизода на Зона на самракот. Беше како овие луѓе да не живеат во нашата димензија“.
Според Гечел, жителите на Градот 40 немаат ништо од слободите што луѓето во нормалните држави ги имаат. Не само што тие не смеат да заминат и немаат слобода на движење, туку тие го немаат ниту концептот дека ова е спротивно на нивните човекови права. Единствениот начин денес да се напушти градот е да се добие излезна виза на одреден број денови или во одредени часови предвидени за посети на одредени места. За жителите на Град 40, Озерск е нивниот универзум.
Па добро, ако се среќни, што е тука погрешно?, прашува Vice.
„Тоа што се обидувам да го постигнам со овој филм е токму да одговорам на тоа прашање. Имав многу потешкотии да ја пренесам приказната како што треба, бидејќи им ветив дека тоа ќе го направам, затоа што ги ризикуваа животите за истата да ја раскажат. Во медиумите и вестите Русите отсекогаш биле прикажувани или како жртви или како мафија. Никогаш не е слушнат нивниот глас, па решив, ‘Океј, остави ги самите да кажат тоа што имаат. Остави ја публиката да се поврзе и да се идентификува со нив преку нивните приказни и со тоа да ја разбере нивната реалност’“.
Во филмот се спомнува едно тамошно езеро што навидум, како и Озерск, изгледа прекрасно, но всушност е отровно. Како што раскажува Гечел, жителите се изложени на радијација, и од краткорочен и од долгорочен тип. Наводно, радиоактивниот отпад се фрлал и уште се фрла во животната средина, било да се тоа езерата, земјата или воздухот. Едно од тие езера е толку контаминирано со плутониум што всушност локалните го викаат „Плутониумско езеро“ и „Езеро на смртта“. Таму ќе налетате и на знак кој вели „Забрането поминување“ исклучиво на руски – два часа покрај езерото се доволни за човек да умре како последица на радијацијата. Стапката на канцер е огромна, дури и децата се раѓаат и умираат со рак. Но, наводно, жителите на Озерск тоа го сфаќаат како дел од животот.
Во филмот се зборува и за Надја – самохрана мајка и адвокат за човекови права, која се бори за правата на луѓето кои трпат негативни последици од радијацијата во градот. Таму е родена, таму е порасната, таму е мажена и има четири деца. На почетокот, како и сите други, мислела дека живее во одличен град, во рајски град. Со тек на време всушност сфатила што се случува со околината и со нивните права, па почнала да поставува прашања. Гечел тврди дека Надја наишла на големи проблеми со руската тајна полиција FSB (наследник на KGB) уште од моментот кога ја „поставила приказната на глобалната мапа“, поточно откако почнала да зборува со луѓе како Гечел. „Правилото е дека не зборуваш, а кога зборуваш – тоа е предавство на татковината. А татковината е сé“.
Гечел не сака да зборува во детали за ризиците со кои луѓето од Озерск се соочуваат заради соработката со неа. „Во филмот ќе видите што се случува со Надја“. Вели дека ги изгубила сите контакти со луѓето кои сé уште се во градот и дека тоа што тие го направиле (предавството на Мајка Русија) може да ги чини живот. Кога доброволно зборувале за ситуацијата во Градот 40, наводно биле водени од мислата „И онака умираме“. Сепак, бројот на тие луѓе е мал, и токму затоа сакаат да ја раскажат својата приказна. „80% од луѓето овде не ни разбираат што се случува“.