Работниците во компанијата на најбогатиот човек на светот штрајкуваат поради мали плати

Работниците во шпанскиот логистички центар на Amazon – компанијата на најбогатиот човек на светот Џеф Безос (кој заработува по 325.000 долари во минута и чие богатство веќе надмина 130 милијарди долари), стапија во штрајк барајќи подобри плати и услови за работа, соопшти денес синдикатот.

Ана Берсеруело, претставничка на истиот, рече дека штрајкот почнал синоќа, со учество на 98% од работниците во логистичкиот центар во San Fernandо de Enares во близина на Мадрид. Се очекува прекинот на работата да трае до утре.

Во овој логистички центар, низ кој минуваат пакетите за клиентите во Шпанија и Европа, работат околу 1.100 вработени на Amazon, и уште 900 кои работат преку агенција.

Синдикатот се жали дека платите не се зголемени уште од 2016-та, додека од Amazon одговараат дека платите биле „прилично добри“, дека постојат „доста бенефиции“ и дека покачување на платите се очекува од април.

Работниците, меѓутоа, тврдат дека Amazon сака да ги зголемува платите под стапката на инфлација, како и да ги намалат издатоците за ноќна и прекувремена работа. Од синдикатот најавуваат, се разбира, дека нема да отстапат од своите барања.

- Реклама -