Соборувањето на рускиот Су-24 во Сирија е удар во грбот нанесен од поддржувачите на тероризмот, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со кралот на Јордан Абдула II, што се одржува во Сочи.
“Овој настан излегува надвор од рамките на вообичаената борба против тероризмот. Нашите воини водат херојска борба против теророт без да се штедат, без да го жалат својот живот, но денешната загуба е поврзана со удар кој ни го нанесоа во грбот оние кои им помагаат на терористите “, изјави Путин.
Тој додаде дека авионот бил во одредената единица, во близина на границата со Турција затоа што таму воглавно се криеле руските терористи.
„Тие ја исполнуваа операцијата за борба против ИСИС во Северна Латакија, тоа е планински дел, каде што се концентрирани екстремисти, главно со потекло од Русија. Во таа смисла тие ја извршувале својата директна задача за превентивни напади врз терористите кои во секоја секунда, во секое време можат да се вратат во Русија. Ова, се разбира се луѓе кои треба да се гледаат како меѓународни терористи “, изјави Владимир Путин.
„Јас разбирам дека секоја земја има свои регионални интереси, ние секогаш се однесуваме со почит кон нив. Но, ние никогаш нема да трпиме да се вршат такви злосторства, како денес. И, се разбира, ние се потпираме на тоа дека меѓународната заедница, сепак, ќе пронајде во себе сили за да се избори во борбата со општото зло. Во оваа смисла, сметаме на активното учество во регионот во оваа борба “, додаде рускиот претседател.
Турција ги финансира ИСИС
Тој посочи и дека Турција има интерес да го брани тероризмот бидејќи на територијата на Турција има многу нафта од наоѓалишта кои се наоѓаат под контрола на “Исламска држава”.
„Ние одамна го знаеме фактот дека на територијата на Турција има големо количество нафта и нафтени производи од освоените територии. Од тука и поголемата парична поддршка за групите “, вели Путин.
Трагедијата ќе има сериозни последици врз односите меѓу Москва и Анкара
„Овој трагичен настан ќе има сериозни последици за руско-турските односи. Секогаш сме се однесувале со Турција не само како со близок сосед, туку како со пријателска земја. Не знам кому му беше потребно она што се случи денес, во секој случај – не на нас “, посочи рускиот претседател по средбата со кралот на Јордан.
„Наместо да го воспостави веднаш потребниот контакт со нас, турската страна се сврте кон своите партнери во НАТО, за да разговараат за ситуацијата, како ние сме симнале нивен авион, а не тие наш “, посочи уште Путин.
Денеска Турските власти соборија руски авион кој бил на борбена мисија во Сирија, под изговор дека авионот неколку пати прелетал над нивното небо.