Прошталното писмо на Коби Брајант

 

Коби Брајант ќе одигра уште неколку натпревари до април, а ако Лејкерс стигнат до Плејофот, можеби неговиот крај ќе се пролонгира до мај-јуни. Потоа, кошаркарскиот гениј ќе замине во историјата.

k5

20-годишната кариера на контроверзниот карактер, но неоспорен супериграч се ближи кон крајот.

Коби ќе остане познат по тоа што сиве овие години играше само за еден тим – Лејкерс од Лос Анџелес. Голем, поинаков, секогаш во свој свет, Брајант пронајде и свој начин да ја објави веста.

“Драга кошарка,

Од моментот во кој ги навлеков огромните чорапи на татко ми и упатив имагинарни удари кон кошот во Вестерн Форум, знаев дека едно нешто е вистинско:

Јас се заљубив во тебе. “

Така почнува писмото кое го објави Коби. Самиот факт дека тој одвои време да го напише, а не само да каже: “Друштво се одјавувам по сезонава”, е инспиративен и достоинствен.

Начинот на кој беше споделено пак писмото со јавноста беше уште поемотивен. На секое од седиштата во салата на кошаркарскиот меч Индијана – Лејкерс имаше дискретен црн плик со иницијалите на Коби и писмо внатре – до секој од навивачите на натпреварот.

k1

„Кога се сретнавме за прв пат, јас бев уште дете“ е насловено писмото.

„Некои од вас ме прифатија целосно, други – не. Сите вие ​​сепак ми помогнавте денес да бидам играчот и човекот кој седи пред вас.

Кога се сомневавте во мене, ме мотивиравте двојно …

Дали ќе ме паметите како херој или грешник, само знајте дека ја дадов секоја емоција и парченце страст, како и сè од себе за тоа да сум еден од Лејкерс.

Она што вие го направивте за мене е поголемо од она што јас сум го направил за вас …

Ви благодарим за неверојатното патување. “

По 20 сезони, пет шампионски титули, 32 683 постигнати поени, брилијантноста како №3 во историјата по ефикасност, скандалите со Шекил О’Нил во Лејкерс – сето тоа е Коби.

Од детските години во Милано кога сакал да стане кошаркар како својот татко, до неговата последна сезона, тој беше храбар и борбен.

Во неговата прва сезона се случи нешто што го преобрати неговиот живот.

k3

“Ми се јави Мајкл Џордан и разговаравме повеќе од еден час на телефон – раскажува Брајант. – Немаше потреба да го прави тоа – тој е Џордан, а јас бев само еден дебитант, но сакаше да ми даде совети.

Ми рече да внимавам со луѓето околу мене кои ги имав тогаш како агенти и испадна во право.

Ми посочи што е потребно да се промени за да успеам во лигата и повторно се покажа во право. ”

Како што и самиот кажува, без разлика дали ќе го паметиме како херој или грешник, тој остави огромен белег врз НБА кошарката и спортската историја воопшто. Коби одбележа цела една епоха, а без него ќе се создаде една голема црна дупка за која ќе се бара нов херој да ја пополни.

- Реклама -