Во организација на Кабинетот на премиерот Заев, во координација со кабинетите на претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија – Еди Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот, во Скопје утре (29 јули) ќе се одржи Економски форум за регионална соработка кој е од исклучително значење.
На настанот ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од земјава и од Албанија и Србија, но и од повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции.
На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“.
Во рамки на Форумот ќе бидат потпишани и два меморандуми за разбирање и еден меѓудржавен договор кој, како што велат од Влада, во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис заедницата.
Попладнево премиерот Зоран Заев и скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги пречекаа Рама и Вучиќ во Скопје, по што имаа и заедничка прошетка по новиот скопски кеј.
Тројцата лидери притоа разговараа и со граѓаните во центарот на Скопје, за Економскиот форум за регионална соработка кој првпат се одржува во земјава, но и за отворањето на нови перспективи во поглед на поврзувањето на (граѓаните на) трите држави.
„Балканот е нашиот заеднички европски дом во кој се поддржуваме и во кој ги унапредуваме односите. Нашиот поглед е напред, кон подобро утре, кон економски раст и развој, кон добробит за нашите народи“, порача премиерот Заев во пресрет на форумот.
Претседателот на Владата притоа и му се заблагодари на градоначалникот Шилегов за домаќинството при прошетката во Скопје во пресрет на утрешниот форум, при што истакна дека тројцата лидери се согласиле дека Скопје навистина е една поинаква приказна.