Пропалестински протести низ повеќе универзитети во САД по масовните апсења во „Колумбија“

Во универзитетските кампуси во САД деновиве е тензична атмосфера по прославата на еврејскиот празник Пасха во саботата, а во време кога универзитетските власти и полицијата се обидуваат да спречат шовинизам и насилство, поврзано со војната на Израел против Хамас.

Универзитетот Колумбија денеска не одржува предавања, додека десетмина кои протестираа во универзитетите Њујорк и Јејл беа уапсени. 

Минатата недела беа уапсени повеќе од 100 пропалестински демонстранти кои започнаа да логоруваат на тревникот во Колумбија, додека слични кампови се појавија по колеџите низ земјата. Високообразовните институции во САД се пред испит за тоа како да овозможат слобода на говорот и истовремено да се одржи безбедноста и вклученоста во универзитетските програми и предавања.

Вчера, стотици студенти протестираа во кампусот на универзитетот Њујорк. Училиштето ја повика толпата да се разотиде по што дојде полиција откако сцената станала хаотична. Оттаму укажаа дека се слушнале „заканувачки скандирања и неколку антисемитски инциденти“. Полицијата започнала да врши апсења доцна синоќа.

– Навистина е репресивно кога универзитетот дозволува полицијата да врши апсења на нашиот кампус, изјави Бјул Јон, студент во универзитет Њујорк, за дел од американските медиуми.  

– Антисемитизмот не е во ред. Апсолутно, тоа не е за тоа што ние се бориме и затоа има толку многу еврејски другари кои се тука со нас денеска, изјави Јон.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Заканата од насилство постои бидејќи на протестите се појавуваат две спротивставени групи – пропалестински студенти кои бараат нивните колеџи да го осудат нападот на Израел врз Газа и да престанат да соработуваат со компаниите кои продаваат оружје на Израел. Во меѓувреме, некои еврејски студенти изјавуваат дека голем дел од критиките на адреса на Израел се пренасочиле кон антисемтизам, а тоа направило тие да се чувствуваат небезбедно. Истакнуват дека Хамас се уште држи заложници киднапирани за време на инвазијата на оваа организација на Израел што се случи на 7 октомври 2023 година.

САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Кејти Манинг, демократска членка на Претставничкиот дом од Северна Каролина заедно со тројца членови на Конгресот кои се Евреи, синоќа го посети кампусот на Колумбија и изјави дека постои огромен камп од луѓе кои зазеле третина од зелената површина на универзитетот.

– Видовме плакати со пораки дека Израел треба да биде уништен, изјави таа. 

- Реклама -