Пропадна украинската офанзива во Доњецк, тврди руското Министерство за одбрана

Руските вооружени сили ја одбија украинската офанзива во правец на јужен Доњецк, тврди руското Министерство за одбрана.

Како што соопшти министерството утринава, Украина офанзивата ја почнала со шест механизирани и два тенковски баталјони.

„Утрината на 4 јуни, непријателот почна голема офанзива во пет сектори на фронтот во правец на јужен Доњецк. Целта на непријателот беше да ги пробие нашите одбранбени линии на, според него, најранливиот дел од линијата на фронтот. Непријателот не ги постигна своите цели, не успеа“, се наведува во соопштението.

„Ројтерс“ не можеше веднаш да ги потврди руските наводи, а Украина веднаш не ги коментираше.

Руското министерство, меѓутоа, објави видео на кое, тврди, се гледаат неколку украински оклопни возила запалени по судирот.

Според соопштеното, руските сили убиле 250 украински војници и уништиле 16 тенкови, борбени возила и 21 оклопен транспортер.

Прочитајте и:  Гроси: Ќе мора да се урне кулата за ладење во нуклеарната централа Запорожје

Началникот на рускиот воен штаб, Валериј Герасимов – командант на руската воена операција во Украина, на Телеграм наведе дека се наоѓа во областа нападната од украинските сили.

Во моментов сѐ уште е нејасно дали наводниот напад го претставува почетокот на долгоочекуваната офанзива со која Украина сака да ја врати територијата под руска контрола. Официјален Киев во неделата повика на „молк“ пред офанзивата, потсетуваат британските медиуми.

Украина во последните недели се обиде да ги ослабне руските позиции, а на крајот на мај висок функционер изјави дека веќе се започнати прелиминарни операции, како што се уништување на синџирите за снабдување и уништување на магацини.

Извор: МИА

- Реклама -