„Јасно ми е дека не им е гајле што народот масовно се разболува и умира, само не ми е јасно како не им е страв за нив самите и нивните семејства? Зар немаат ни еден постар во семејството или се толку сигурни дека се недопирливи? Зарем не сфаќаат дека ја преплавија државата со вируси и дека се индиректно одговорни за смртта на 1.400 луѓе?“, прашува професорот од Техничкиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола – Дејан Трајковски.
Со толку раширена циркулација на вирусот, смета тој, повеќе не помагаат ни маски во затворени простории.
„Не помага ни одржувањето растојание, концентрацијата на вируси во воздухот е преголема и доволна е за инфекција дури и преку маски. Не е исто дали во просторијата има еден или десет заразени, со десет пати повеќе заразени и концентрацијата на вируси е десет пати поголема. Зар мислат дека сите што се заразиле се заразиле само поради лично невнимание?
Секое влегување во јавна затворена просторија веќе претставува ризик по здравјето и животот, затоа бараме да нé заштитат со тоа што ќе ги соборат бројките преку итен тотален локдаун, макар неколкудневен. Самите повеќе не можеме да се заштитиме, колку и да сакаме. Help!“, пишува Трајковски на Фејсбук.
Покрај тоа, Трајковски му се обрати и на премиерот Зоран Заев, критикувајќи го за тврдењето дека полицискиот час (односно локдаунот) во мај немал ефект.
„Во последната минута од денешната прес-конференција ЗЗ даде една паушална и многу непромислена изјава. Кажа вака: ‘Во текот на мај, иако секој ден имавме полициски час, имавме најголеми дневни бројки. Се покажа дека нема никаква корист од полицискиот час’.
Вакво нешто да истресеше некој човек од улица, само ќе се насмевнев и ќе одмавнев со рака. Меѓутоа, такви зборови, упатени од толку висока позиција, со кои ни ја навредува интелигенцијата нам, кои сепак знаеме повеќе да работиме со бројки (а бројките никогаш не лажат!), бара соодветен одговор. Ако ништо друго, барем луѓето да не живеат во заблуда дека од локдаунот нема корист. На крајот на краиштата, луѓето уште во средниот век научиле дека тоа е единствениот ефикасен начин за сопирање на епидемија во услови кога не постои ни лек ни вакцина.
Овие дијаграми воглавно самите објаснуваат сé, но да кажеме уште неколку збора. На првиот дијаграм убаво се гледа експоненцијалниот раст на вкупниот број на дијагностицирани до Велики четврток, 16.04.2020. После четири дена тотален локдаун за време на продолжениот викенд, се гледа нагло прекршување на кривата (зелените линии тоа уште појасно го покажуваат), односно темпото на заразување нагло опаднало. Бидејќи во сила биле разни мерки за ноќно ограничување на движењето (слично како сега) сé до Рамазан бајрам (24.05.2020) растот беше линеарен, без забрзување, со R0=1. Но, важно е да истакнеме дека со ноќниот полициски час само се стабилизираат бројките, но не се соборуваат. За тоа служи локдаунот.
На вториот дијаграм ги гледаме дневните бројки на дијагностицирани и нивниот забрзан раст до Велики четврток. После четиридневниот велигденски локдаун бројките нагло се намалија до ниво на спорадично заразување и се одржуваа на прилично константни 20-30 случаи на ден (поради R0=1). Така беше сé до Рамазан бајрам, а потоа сите знаеме што стана. Тоа беше резултат и на предвреме прекинатите мерки, односно отсуството на вистински локдаун како во повеќето европски земји, каде успеаја да ја стопираат епидемијата и да влезат во летото чисти од корона вирусот и со празни болници.
Еве им ги дијаграмите и нека гледаат каков беше ефектот на локдаунот и колкави беа бројките во мај. Тоа беше прв и последен пат во текот на епидемијата кога успеавме да ги собориме дневните бројки. Така беше пред да започнат со политичко, наместо со стручно решавање на епидемијата.
Напишаново нека стои тука како потсетник дека не се само тие паметни, дека не сакаме да веруваме во нивните небулози, и барање да престанат да нé третираат како да сме малоумни. Колку се многу паметни, се гледа и по дереџето до кое нé доведоа и којзнае до каде допрва ќе нѐ одведат. Исто како во расказот Водач од Радоје Домановиќ.
‘Свак је рођен да по једном умре,
част и брука живе довијека.’
(Горски вијенац, П. П. Његош)“, пишува Трајковски.
Според Трајковски, промашена е и новата „мерка“ – односно прогласувањето на кризна состојба заради менаџирање на приватните болници. Тој ја оценува како „пукање во празно“, бидејќи, како што вели, места во приватните болници НЕМА.
„Уште една бесмислена мерка со која се демонстрира божемно сузбивање на епидемијата, а всушност само се замајува населението и се губи драгоцено време. Тоа е редок талент: од десет луди идеи секогаш да ја одбереш најнеупотребливата. Во меѓувреме луѓето ќе се разболуваат по 1100 и ќе умираат по 27 на ден…“, пишува професорот.
Впрочем, како што може да се види од неговите објави, тој има сериозни забелешки и за целокупното справување со ширењето на коронавирусот во земјава. Така, на пример, во една од нив, менаџирањето со епидемијата во Македонија го опишува преку приказна за Насрадин Оџа и кравата: