Продолжуваат интензивните борби помеѓу израелската армија и Хезболах во јужниот дел на Либан

Во северниот дел од земјата, пак, во израелски воздушен напад е убиен шефот на вооруженото крило на Хамас, Саид Аталах

Израелската армија од рано утринава се обидува да влезе во градот Одаисеј во јужниот дел на Либан каде наидуваат на силен отпор од борците на либанското милитантно движење Хезболах. Додека битките на терен во јужниот дел се интензивираат, медиумите јавуваат дека рано утринава, главниот град на Либан, Бејрут повторно бил цел на израелски воздушни напади.

Во северниот дел од земјата пак е убиен шефот на вооруженото крило на Хамас – бригадите Ал Касам, Саид Аталах, јавуваат британските медиуми. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во близина на градот Триполи каде што се криел Аталах, покрај него, животот го загубиле уште тројца членови на неговото семејство. Тој е еден од неколкуте високи функционери на Хамас кој беше убиен од израелската армија од започнувањето на војната пред една година – претходно убиени беа долгогодишниот лидер на вооруженото крило на Хамас, Мохамед Деиф, како и политичкиот лидер на движењето, Исмаил Ханија кој беше убиен во Техеран.

Американскиот претседател Џозеф Бајден, синоќа во изјава за медиумите запрашан за евентуален напад на Израел врз ирански нафтени постројки рече дека доколку тој се прашува, би размислил за одредени алтернативи, дополнувајќи дека Израел се уште нема одлучено како ќе возврати на иранските напади.

„Израелците не одлучија што да прават во врска со нападот. За тоа сè уште се разговара, рече Бајден пред новинарите во Белата куќа. Да бев на нивно место, ќе размислував за алтернативи за гаѓање на нафтените постројки“,

кажа Бајден.

Тензиите меѓу Иран и Израел се на највисоко ниво бидејќи Израел во моментов ги разгледува опциите како да одговори за иранскиот напад со балистички ракети, што Техеран го изведе во вторникот како одговор на воената акција на Израел во Либан.

- Реклама -