Признание за Шекеринска од Асоцијацијата на одбранбени аташеи

Скопје, 10 јануари 2022 (МИА) – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска доби признание од Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Северна Македонија за нејзиното лидерство во процесот на зачленување на нашата држава во Алијансата и за визија за развој на одбраната и на Армијата согласно стандардите на Алијансата.

Шекеринска се заблагодари за овој гест и порача дека последните четири и пол години беа тешки, но како што посочи, работата се исплатела зашто крајниот резултат е видлив.

„Нема поголема сатисфакција од можноста да се придонесе кон нацијата, кон земјата, кон граѓаните. Јас имав можност да придонесам кон нешто што е поголемо од мене. Ако постои реченица која ја повторувавме последните декади, тоа е дека државата и граѓаните сакаат да бидат дел од Европската Унија и од НАТО“, рече Шекеринска.

Според министерката, членството во НАТО покажа дека посветеноста и макотрпната работа носат резултати.

„Партнерите и сојузниците ни дадоа сила кога ние ја губевме. Верувавте во нас кога и ние самите имавме сомнежи. Вие ни дававте искрен и пријателски совет, а тие совети се некогаш најтешки да се слушнат и разберат. Но, тие совети се и најдобрите што можат да бидат дадени и ви благодарам за тоа“, им порача Шекеринска на одбранбените аташеи.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

На доделувањето на признанието му претходеше редовниот годишен брифинг со одбранбените аташеи акредитирани во Северна Македонија на кој министерката Шекеринска се осврна на достигнувањата во одбраната минатата 2021 година.

Изминатата година, министерката Шекеринска ја оцени како тешка, но извонредно успешна година за одбраната.

„Вложивме во капацитетите на Криволак кој прераснува во најдобар полигон на сојузниците во Европа, потврдивме дека Северна Македонија е НАТО членка која придонесува за регионалната безбедност и способноста на Алијансата да се соочи со секој предизвик. Пред сè, вложивме во сојузништвото, единството и заедничките вредности. Сето тоа немаше да биде можно без континуираната поддршка од одбранбените аташеа акредитирани во Северна Македонија. Нашиот успех е најдобра потврда на НАТО максимата – заедно сме посилни“, изјави Шекеринска.

Таа додаде дека годината ја завршиле со 98,6 отсто реализација на буџетот – средства од кои најголем дел беа наменети за модернизација на Армијата.

„Имајќи ги предвид сите безбедносни предизвици, 2021 година ни даде и многу можности да бидеме најдобри во тоа што го работиме како лидери и да ги направиме нашите институции посилни и поотпорни на новите закани“, рече министерката пред одбранбените аташеи.

- Реклама -