Приведени тројца кумановци осомничени за „Терористичка организација“ и „Тероризам“, запленети оружје и муниција (ВИДЕО)

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истражна постапка против три лица на возраст од 22 до 28 години, осомничени дека  сториле кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а и „Тероризам“ предвидено и казниво по член 394-б од Кривичниот законик.

Осомничените и претходно биле правосилно осудени и издржале казна затвор за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“.

Како што соопштуваат од Обвинителството, првоосомничениот во текот на 2019 година создал терористичка организација со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, на која подоцна се приклучиле други лица меѓу кои и двајцата осомничени. Обезбедувајќи финансиски средства, организаторот набавувал и купувал оружје, муниција и воена опрема, а припадниците биле во улога на логистичка поддршка.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколкумесечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции при Министерството за внатрешни работи координирани од јавен обвинител во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации во Куманово и Скопје. При извршените претреси во дом и други простории кај осомничените е запленето поголемо количество на оружје, а тројцата осомничени се лишени од слобода.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за трите осомничени лица.

Обвинителството издаде наредби за вештачење на пронајдените и одземените предмети, воедно согласно надлежноста се преземаат и други дејствија во насока на расветлување на случајот.

- Реклама -