Живеев сам во шума. Тоа беше мојот дом за кој што се грижев и постојано се обидував да го одржам чист и уреден.
Еден сончев ден, додека го складирав остатокот од храна што луѓето ја оставаа зад себе, слушнав чекори. Погледнав од зад дрвото и забележав едно девојче со корпа како оди по патот. Веднаш ми се виде сомнителна, затоа што беше многу чудно облечена, целата во црвено, со марама на главата, како да се обидуваше никој да не ја препознае.
Иако знам дека не треба да им судиме на луѓето на основа на изгледот, таа беше во мојата шума и ми се чинеше логично да дознаам повеќе за неа. Ја прашав која е таа, од каде доаѓа и некои слични работи. Прво безобразно ми одговори дека не разговара со непознати. Јас непознат? Јас кој со целото свое семејство живеам во оваа шума? На тоа таа малку се смири и ми ја раскажа приказната за нејзината баба. Баба и била болна, а таа и носела ручек. Најпрво, девојчето ми се виде искрено и помислив дека би било добро да научи дека не е убаво да се шета низ туѓ двор толку сомнително облечена.
Ја пуштив да оди по својот пат, но сакав да ја испратам до куќата на нејзината баба. Кога ја сретнав жената и ја објаснив целата ситуација, а таа се согласи со мене дека би било добро внука и да научи како да се однесува во необични ситуации, па се договоривме да и одржиме лекција.
Следниот ден кога девојчето влезе, ја повикав во спалната соба, каде што лежев облечен во облеката на нејзината баба. Црвенкапа со заруменети образи влезе во собата и веднаш направи една навредлива забелешка на сметка на моите уши. И порано ми се случувало некој да ме навреди, но не сакам да придавам важност на тоа, па и одговорив дека моите големи уши ми служат за подобро да слушам. Сакав да ја научам дека е симпатична и треба да внимава како се изразува, но таа веднаш продолжи со навредите и ме праша зошто ми се толку големи очите. Претпоставувате дека тука веќе започна да ми се менува импресијата за малото девојче, затоа што започна да станува крајно некултурна. Меѓутоа, како што станав искусен во воздржување од бес, само и реков дека очите ми служат за подобро да гледам.
Нејзината следна навреда навистина ја помина секоја граница. Јас инаку имам проблем со своите големи заби и тоа девојче немаше ништо попаметно да каже, па ме потсети на мојата маана. Знам дека не требаше толку импулсивно да изреагирам, но скокнав од креветот и заржев, велејќи и дека моите големи заби ќе ми послужат да ја изедам.
Морам јасно да кажам дека еден волк не би изел девојче. Но, на мое изненадување ова будало девојченце започна да трча низ целата куќа и да вришти. Потрчав по неа во обид да ја смирам и ја соблеков бабината облека од себе. Но, одеднаш на вратата се појави шумарот со секира во рацете и сфатив дека се наоѓам во неволја. Веднаш рипнав низ прозорецот и побегнав.
Би било убаво кога тука би бил крајот, но бабата никогаш не ја раскажа мојата страна од приказната. Наскоро после нејзината верзија се проширија гласини дека јас сум едно ужасно суштество, на кое што не може да му се верува. Не знам што се случи потоа со девојчето, но можам да ви кажам дека до крајот на својот живот останав несреќен.