Приказната за Атлетико Мадрид и Баерн Минхен

reina12

Мадриѓаните никогаш нема да го заборават финалето од ЛШ против Баерн Минхен пред 42 години, а особено татко му на Пепе Реина, Мигуел.

По 42 години судбината повторно ги спојува големите Атлетико Мадрид и Баерн Минхен, овојпат не во финалето, туку во полуфиналето од Лигата на шампионите. Сепак тоа не е причина да не се навратиме во далечната 1974 година, кога се играше, можеби и најневеројатното финале.

Најдобрите тимови таа година се сретнаа во Брисел, на славниот Хејсл, каде го играа големото финале, натпревар кој мораа да го решаваат продолжетоците.

Регуларните 90 минути се играа без погодоци. Во 114-тата минута гол постигна Луис Арагонес, кој подоцна беше тренер на Атлетико Мадрид, Фенербахче и репрезентацијата на Шпанија. Голот го постигна од слободен удар.

Натпреварот продолжи да тече во корист на „јорганџиите“.

Меѓутоа, уште тогаш си постоеше изреката „фудбалот е игра во која на крајот победуваат Германците“. Штета што Мигуел Реина, никогаш не ја имаше чуено.

Се играше 120-тата минута, кога Мигуел Реина почна да ја слави титулата. Пред судијата да свирне крај, тој веќе им ги имаше подарено ракавиците на репортерите зад голот.

Каква грешка, па не ли го слушнал Гари Линекер?

„Смотаниот“, така го опишуваат старите љубители на фудбалот, кои го помнат тоа фудбалско време (сега кој знае нашиве млади како би го нарекувале, не сакам ни да помислам).

Ханс-Георг Шварценбек долго ја влечеше топката, од средината на теренот ја довлечка некаде до 25-30 метри од голот на Атлетико, кога ја фукна со сета сила и му даде гол до левата статива на голоракиот Реина.

Му се лизна пехарот од раце, зошто веќе ги немаше ракавиците на рацете.

Во тоа време немаше пенали. Се играше втор натпревар по нерешен резултат. Да да, си знаете… Баерн во вториот натпревар го унакази противникот од Шпанија со 4-0 и на крајот, сигурно си го крена трофејот на кој се уште стоеја отисоците на татко му на Пепе, Мигуел…

- Реклама -