Бразилскиот фудбалер Едсон Арантес до Насименто, попознат како Пеле, на 19 ноември 1969 година во дуелот помеѓу неговиот Сантос и Васко де Гама, го постигна илјадитиот гол во официјалните натпревари.
Овој уникатен потфат тој го постигна на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро пред околу сто илјади гледачи. На натпреварот одигран три дена порано во Салвадор, град во северниот дел на Бразил, 29-годоишниот Пеле во последната минута од натпреварот против домашната екипа ја погоди пречката. Така, прославата по повод одбележувањето илјадити гол на Пеле е одложена за натпреварот против Васко де Гама.
Во 78 минута, при резултатот 1:1, Пеле беше соборен во шеснаесетникот на Васко де Гама. И покрај непишаното правило дека фудбалерот врз кого е направен фаул не треба да ја изведе најстрогата казна, цел Бразил во тој момент сакаше само еден играч да го изведе ударот од 11 метри.
Пеле веднаш ја зеде топката. Му приоѓаа сите соиграчи но и играчите од противничкиот тим и му даваа поддршка. Противничкиот играч дури ја местеше земјата околу белата точка со цел да ја олесни работата на бразилската фудбалска легенда. Само голманот на „Васко“ Едгардо „Мачка“ Андрада сакаше да ги наруши плановите на иконата на бразилскиот фудбал. Што е разбирливо, Андрада беше Аргентинец.
–Бучавата беше заглушувачка. Се чувствував како целиот свет да е против мене. Дури и навивачите на „Васко“, се сеќава подоцна Андрада. За прв пат во мојата кариера се чувствував навистина нервозен, рече Пеле.
Бразилецот зеде залет и шутна во левиот долен агол.Голманот Андрада ја „прочита“ неговата намера и се фрли на правата страна, но ударот беше исклучително прецизен.
-ГОООООООООЛ!!!! Врескаа сите на стадионот.
Пеле втрча во голот, ја зграпчи топката, ја бакна и заплака. Наскоро го опколија навивачите, новинарите, фотографите. Натпреварот беше прекинат за половина час…
Пеле го постигна илјадитиот гол на неговиот 909-ти официјален натпревар. Бразилецот кариерата ја заклучи со 1282 голови од 1366 натпревари. Неговите најуспешни голгетерски години се 1959-та со 126 голови во 103 натпревари, 1961-та (111/75) и 1965-та (106/74).
Некој фан му подаде дрес со број 1000 на грбот. Пеле го облече и качен на рамениците на одушевената маса со солзи во очите им отпоздравуваше на трибините. – Сега кога сите ме слушате, ве молам, помогнете им на децата, помогнете им на бездомниците. Ова е мојата единствена желба во овој многу посебен момент за мене! Низ солзи „О Реи“ (кралот) се обрати на егзалтираната маса. Плачеше и голманот Андрада:
-Бев разочаран бидејќи очајнички сакав да го одбранам ударот. Не сакав да бидам голман кој на ваков начин ќе се памети во историјата. Натпреварот продолжи по половина час. Сантос успеа да го задржи резултатот и да слави победа.