Приказна за перспективата

-Кој сум јас? – едно момче го запрашало мудриот старец.

– Ти си она што мислиш дека си- одговорил старецот. – Ќе ти го објаснам со приказна.

Една вечер во полумракот на улица можеле да се видат силуети на двајца луѓе кои се прегрнуваат.

„Тоа се мајка и татко” – си мислело детето.

„Тоа се двајца љубовници” – си мислела девојката која сонува за љубов.

„Ова се пријатели кои не се сретнале долго време “- мисли човекот кој се чувствува осамен.

„Тоа се двајца трговци, кои што склучиле добра зделка” – мисли човек алчен за пари.

„Родител го прегрнува своето дете што се вратило дома по долги години” – си мисли мајката.

„Тоа се двајца, кои се борат до смрт” – мисли убиецот.

„Кој ги знае зошто се прегрнуваат?” – си мисли човекот што не сака да мисли ништо.

-Секој мисли нешто, во зависност од тоа кој е и што носи во себе. Посегни по своите мисли и ќе можеш да кажеш за себе повеќе од било кој друг. Самиот ќе го пронајдеш одговорот за тоа кој си. Затоа што само ти ја знаеш и обликуваш вистината, заклучил мудриот старец.

 

- Реклама -