Разочараноста кај нашите ракометари е до небо откако синоќа беше претрпен еден од најубедливите порази. Хрватите ни одржаа лекција по ракомет. Поразов не акна од земја, бидејќи барем малце се понадевавме дека може да се случи чудо по нерешеното со Србија, и пласманот во следната група издвојуван во последната секунда.
Ајде, и на нас да ни се посреќи, еднаш… Ајде сега и Хрватите, па Белорусите, па Норвежаните и полуфинале. Ама, за жал, ништо од тоа, па одозгора и 10 разлика.
Мојсовски изјави – „Причини има многу, нешто замор, нешто лоша тактика. Слабо почнавме, промашивме доста зицери, а во одбраната не бевме доволно цврсти. Ако го гледаме целиот натпревар, одигравме комплетно лошо, не се подготвивме како што треба тактички за овој меч, па Хрватска целосно доминираше. Лошо е што делуваше како однапред да се предадовме, свесни сме за тоа и искрено жалиме.
Сепак, оваа слаба игра и пораз ќе ни бидат само мотив повеќе за на следните натпревари да го прикажеме нашето вистинско лице и да забележиме победи против Норвешка и Белорусија“.
Миркуловски – „Навистина имавме многу лош пристап. Неколку технички грешки на почетокот го решија натпреварот, уште во 5. минута беше 4-5 гола разлика. Се обидовме да се вратиме, можеби имавме пристојна гол разлика на полувремето и можевме уште повеќе да се приближиме. Но, наместо да го засилиме темпото во второто полувреме, ние повторно паднавме. Изгубивме без борба.Натпреварот го изгубивме уште во соблекувалната“.