Химната и останатите официјалности при дочекот на грчкиот премиер Алексис Ципрас пред Владата биле изоставени поради доцнењето на авионот на Ципрас, а во интерес на времето и набиената агенда, образложи владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денот на посетата на грчкиот премиер.
Истото образложение го повтори и вчера премиерот Зоран Заев во емисијата „Печат на неделата“ со Сашо Орданоски на „1ТВ“, при што додаде дека дури била и скратена дискусијата на двајца министри, еден од македонска, а еден од грчка страна, сè со цел времето квалитетно да се искористи за важните билатерални средби, кои ги имало многу. „Само се трудевме да стигнеме“, рече Заев.
На вчерашната прес-конференција, исто така, Бошњаковски увери дека химната никогаш не била и нема да биде спорна.
Меѓутоа, на прашањето од Ордановски околу гласините дека интонирањето на химната било изоставено бидејќи на ракавите на воениот оркестар пишувало „Република Македонија“, премиерот Заев не беше многу убедлив во тоа дека единствена причина било доцнењето на Ципрас.
„Значи, може да постои таква причина или било што. Ние знаеме секојпат да се корегираме – можеше да се сошие или слично. Еве оркестрите заедно ќе бидат и ќе бидат тие поклопени, таквите делови, затоа што Уставот е јасен: каде што е Република Македонија треба да биде Република Северна Македонија“, одговори Заев.