Приближно четири милиони Германци имаат болести на срце


Околу четири милиони луѓе во Германија боледуваат од срцева слабост, извести Германската фондација за срце заедно со здруженијата за кардиологија, кардиохирургија, педијатриска кардиологија и кардиоваскуларна рехабилитација.

„Извештајот е годишна процена на состојбата во кардиологијата“, изјави Томас Фојгтлендер, член на управниот одбор на Германската фондација за срце.

„Срцевата слабост позната како срцева инсуфициенција, претставува најчесто срцево заболување поради кое повеќе доаѓа до хоспитализација, во споредба со коронарните болести на срцето и нарушувањето на срцевиот ритам“, објаснува Фојгтлендер.

Како последица на срцевата инсуфициенција во Германија, во 2022 година, починале 37.570 луѓе.

Срцевата слабост како ненадејна смрт поради срцеви проблеми, најчесто настанува како последица на други болести, како што е високиот крвен притисок или коронарните болести на срцето, кога протокот на крв до срцевиот мускул е попречен.

Појавата на срцевата слабост поврзана е и со недостиг на физичка активност и дебелината, а останатите ризик фактори се староста и генетските предиспозиции, меѓутоа исто така мажите многу почесто заболуваат од оваа болест отколку жените.

„Околу 50% од луѓето кои боледуваат од срцева слабост умираат во рок од шест години по поставувањето на дијагнозата“, се наведува во извештајот.

Исто така, само мал број на пациенти можат да се потпрат на трансплантацијата, поради недостигот од донорски органи. Во извештајот се вели дека во 2022 година, 678 лица постари од 16 години биле на листата на чекање, додека 21 дете (до 15 години) исто така исчекувале трансплантација.

„Оперирани биле 42 деца и 316 возрасни, а од странство во 2022 година пристигнале 98 органи“, велат податоците на „Eurotransplant“ и Германската фондација за трансплантација на органи.

Германија е единствената членка на „Eurotransplant“ којашто нема закон околу претпоставената согласност за донирање органи. Според таквиот закон, секоја личност би се сметала за потенцијален донатор на орган, освен доколу изречно се спротивстави.

- Реклама -