Веднаш по дознавање на случајот за припадник на Армијата, кој како дел од составот кој е во поддршка на полицијата за обезбедување на КПУ-Затвор „Идризово“, е забележан како за време на извршување на должност фрлил мобилни телефони во дворот на затворот, од страна на Генералштабот се превземени сите потребни мерки согласно законските регулативи, соопшти Генералштабот.
По евидентирање на случајот по хиерархијата на известување, од страна на Началникот на Генералштабот веднаш е издадена наредба и дадени конкретни задачи за преземање на сите пропишани законски дејствија и отпочнување на постапка за спроведување на соодветни дисциплински мерки.
Оттаму наведуваат дека согласно процедурите, надлежните служби за безбедност во Армијата и воената полиција се во непосредна координација и соработуваат со јавното обвинителство и надлежните истражни органи во МВР.
По квалификација на делото од страна на надлежните истражни органи, во рамки на законските надлежности ќе бидат преземени соодветни пропишани дисциплински мерки, кое за конкретниот случај согласно Законот за служба во Армијата, спаѓа во дисциплински престап за кое е предвидена и најстрогата дисциплинска мерка-престанок на работниот однос.
Генералштабот најостро ги осудува појавите за било каков облик на недозволени или криминални однесувања кои се далеку од начинот на однесување на припадниците на Армијата со кои се нарушува угледот на Армијата и секогаш безкомромисно ќе настојува овие припадници да бидат најстрого санкционирани согласно законските регулативи, стои во соопштението.
Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 1 февруари во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.