Денеска центарот на Скопје ќе биде местото каде што ќе се претставува Словенија, државата-домаќин на Европското првенство во кошарка, најголемото спортско случување оваа година во Словенија.
За организација на промоцијата под брендот „I feel Slovenia“, силите ги здружија Канцеларијата за комуникации на Владата на Република Словенија (УКОМ) и Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Словенија во септември оваа година ќе биде домаќин на најголемиот спортски настан во својата историја – Европското првенство во кошарка. На плоштадот Македонија во Скопје ќе биде изградено посебно игралиште за улична кошарка во боите на брендот „I feel Slovenia“. Освен анимација за децата и возрасните, маскотата на шампионатот – Липко, ќе се организира и шутирање кошеви, во кое може да учествуваат сите поминувачи, а ќе бидат организирани и игри 3 на 3. На плоштадот ќе се претстават и неколку словенечки претпријатија.
Манифестацијата ќе трае од 13 до 22 часот и ќе биде збогатена со натпревар три на три помеѓу словенечките менаџери и македонските новинари (во 17.00 часот). Во улога на тренер на словенечката тројка ќе се појави легендата на словенечката и југословенската кошарка, Иво Данеу.