Со свечен прием во хотелот „Александар Палас“ и честитки и желби за нови успеси лично од првиот човек на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) – Живко Мукаетов, во Скопје беа дочекани ракометарите и стручниот штаб од кадетската репрезентација на Македонија, кои без пораз дојдоа до златото на ЕХФ шампионатот во Рига, Летонија, откако во финалето, со резултат од со 24-22, триумфираа против Швајцарија (претходно ги совладаа Летонија, Турција и Косово во групата, а потоа, во полуфиналето, и Луксембург).
„Голема чест, голема работа, горди сме на вас што ја вративме Македонија во елитата. Вам ви претстои светла иднина, но многу да работите, заедно да градиме успех. Ова е светска работа и многу сум ви благодарен“, истакна Мукаетов без да го крие воодушевувањето од убедливоста со која избраниците на Раде Стојановиќ настапија на турнирот, покажувајќи дека се атрактивна репрезентација која ветува и дека во иднина може да се очекува дел од овие играчи да бидат дел и од сениорскиот состав.
Со освоеното злато, Македонија директно се пласираше на младинското ЕП во 2024 година и кадетското СП 2023 година. Како што посочува Мукаетов, овој пласман беше главната цел на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), поради огромниот влог за идните кадетски собири.
„Ние сме тука за вас да работиме како федерација, да градиме успешна приказна. Ракометот е спорт број 1 во Македонија и да продолжиме да работиме како досега. РФМ ќе побара од УО ракометарите да бидат наградени со 700.000 денари. Уште еднаш ви благодарам и ви посакувам уште многу вакви резултати и успеси“, им порача Мукаетов на младите ракометари.