И претседателот со апел до граѓаните: Сѐ до вакцина, вирусот ќе биде наша реалност. Да бидеме одговорни

Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, а дел од здравствените работници, по четиримесечна борба со коронавирусот, се навистина изморени. Состојбата на сите одделенија бара постојан надзор и реорганизација на работата, а целиот фокус изминативе денови е насочен кон клиничкиот дел и менаџментот на пациенти во претстојниот период, кога се очекува да има повеќе хоспитализирани отколку испишани од болница, рече министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека од вчера на ротација и помош во Скопје на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ пристигнати се вкупно 54 доктори и медицински сестри.

Тој додаде дека ова е најголемата здравствена криза во нашата земја и дека досега одлично била менаџирана, но побара силна поддршка од граѓаните и сите чинители во општеството, преку одговорно однесување, да им помогнат на здравствените работници, но и на државата и сите нивни сограѓани, во намалување на ширењето на вирусот и побрз излез од кризата и враќање во нормала.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

И додека здравствените работници од ГОБ „8 Септември“ и Инфективната клиника во Скопје добиваат помош од нивните колеги од другите делови од државата, Владата доби помош од претседателот Стево Пендаровски, во однос на апелите за почитување на мерките и побрзо и што побезболно пребродување на овој наплив на пациенти од Ковид-19. Обраќајќи се на Фејсбук, Пендаровски потсети дека вирусот нема да нѐ напушти набрзо и дека единствен начин е висока свест на граѓаните:

„Сѐ додека здравствените експерти не пронајдат вакцина за #COVID19, вирусот за жал ќе биде наша реалност. Тој ги погодува нашите роднини, пријатели, нашите познаници. Важно е секој да биде свесен за улогата којашто ја игра во ширењето на овој вирус или пак во намалување на бројот на болни. Да бидеме одговорни и да го заштитиме сопственото, но и здравјето на луѓето околу нас“, порача Пендаровски.

- Реклама -