Во Основниот кривичен суд Скопје денеска беше изречена пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, за масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) – Сашо Мијалков, беше прогласен за виновен за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. За овие дела му беа изречени затворски казни од 5 години, 5 години и 3 години, односно, Мијалков е осуден на единствена казна од вкупно 12 години затвор.
Екс-министерката за внатрешни работи – Гордана Јанкулоска, беше прогласена за виновна за „злоупотреба на службената должност и овластувања“ и осудена на 4 години затвор.
Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети за повеќе кривични дела, се осудени на единствена казна од 15 години затвор. Тони Јакимовски доби единствена казна од 6 години затвор, а Надица Николиќ – единствена казна од 3 години затвор.
Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.
За обвинетата Валентина Симоновска Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.