Опкружувањето на Лефкада изобилува со мали, прекрасни острови, кои во најголем дел се приватна сопственост. Но, за среќа, капењето на плажите од овие острови е дозволено, бидејќи грчкиот закон вели дека секое место до каде што допира морето може да го користи секој граѓанин и турист.
До овие острови се стигнува со некоја од бројните бродски тури кои им стојат на располагање на туристите, за цени од 10 до 20 евра, за целодневна екскурзија. Доколку сакате да ја искусите атмосферата на островчињата, тогаш еве што треба да знаете:
Скорпиос
Прекрасниот остров Скорпиос бил купен од Аристотел Оназис, кој по својата смрт ѝ го оставил во наследство на внуката Атина. Таа денес се обидува да го продаде, но се чини дека ќе остане во нејзина сопственост засекогаш, бидејќи во тестаментот пишува дека островот не може да биде оттуѓен. Плажите на Скорпиос се исклучително убави и речиси во целост го обвиткуваат островот. Низ годините, ова место било посетено од огромен број славни личности, меѓу кои: Винстон Черчил, Мики Рурк, Џеки Кенеди-Оназис итн.
Спарти
Островот Спарти е помал од Скорпиос и се наоѓа во негова непосредна близина. До 1963 година и тој бил во сопственост на Оназис, по што бил продаден на фамилијата Ставру, која е една од најбогатите во Грција.
Хелони
Островот Хелони се наоѓа во непосредна близина на Спарти. Станува збор за мало, заоблено, карпесто парче земја во морето, обраснато со диви маслинки.
Мадури
Островот Мадури се наоѓа на приближно километар и половина од Нидри. Таму изразнал познатиот грчки поет Аристотелис Валаоритис, а денес островот им припаѓа на неговите праправнуци.
Меганиси
Меганиси е најголемиот и најубав од сите мали острови околу Лефкада. Обраснат е со зеленило, има преубави плажи и повеќе лагуни по брегот со неправилна форма. На островот се наоѓаат три селца, а на југо-источната страна можете да ги посетите прекрасните подводни пештери, од кои најпозната е Папаниколис, која за време на Втората светска војна служела како тајно скривалиште за подморници.
Каламос
Островот Каламос има вкупна површина од едвај 20 километри квадратни, но сепак, на него живеат околу 600 луѓе.
Кастос
Долгнавестиот остров Кастос претставува безбедно пристаниште за рибарските бродови и скапите јахти. До овој остров постојат организирани тури од повеќе дестинации.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk