Преглед на Лигата на шампионите: Лил го запре Реал, Астон Вила го совлада Баерн


Фудбалерите на Лил и Астон Вила направија големи изненадувања во натпреварите од второто коло во Лигата на шампионите совладувајќи ги со по 1:0 актуелниот европски првак Реал Мадрид и фаворизираниот Баерн Минхен.

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид го доживеа првиот пораз во последните 36 натпревари во сите натпреварувања, откако во второто коло загуби од Лил. Иако доминираше „Кралскиот клуб“, решавачки беше голот на Џонатан Дејвид од пенал во судиското надополнување на првиот дел.

Први се заканија мадридските „Кралеви“, во 6. минута Винисиус Жуниор имаше добра прилика, но шутираше лошо. Во уште подобра ситуација се најде Ендрик во 19. минута, но домашниот голман Лукас Шевалие одлично реагираше. Лил возврати во 26. минута, Џонатан Дејвид шутираше со глава по центаршут, но Андриј Лунин одбрани, топката се одби до напаѓачот на Лил кој повторно шутираше, но Лунин со помош на стативата уште еднаш го спаси голот на Реал.

Сепак, ниту Лунин не можеше да направи ништо во судиското продолжение. Едуардо Камавинга играше со рака во шеснаесетникот, но судијата Маурицио Маријани не реагираше. Сепак, по повикот од ВАР собата, тој го погледна видеото и ја промени својата одлука. Дејвид беше сигурен погодувајќи за 1:0. Во продолжението од мечот Реал притисна, но Лукас Шевалие брилијантно бранеше.

Во 3. коло, Реал на 22 октомври ја пречекува Борусија Дортмунд, а Лил ден подоцна ќе гостува кај Атлетико Мадрид, кој претрпе тежок пораз вечерва во Лисабон од Бенфика.

Изненадување направи и Астон Вила совладувајќи го Баерн Минхен со 1:0. Решавачкиот гол го постигна Џон Дуран во 79. минута. Баварците доминираа, но не можеа да го пробијат одличниот аргентински голман Емилијано Мартинез. Решавачкиот гол беше постигнат во 79. минута. Пау Торес испрати долга топка до Дуран кој го искористи невниманието на Мануел Нојер кој излезе од неговиот гол и погоди за 1:0.

Во 3. коло Баварците гостуваат кај Барселона, Астон Вила повторно ќе игра на домашен терен против Болоња.

Ливерпул славеше против Болоња со 2:0 забележувајќи ја втората победа. Болоња прва се закани и веднаш постигна гол. Во деветтата минута Тијс Далинга го совлада Алисон, но голот беше поништен поради офсајд позиција на стрелецоте. Само две минути подоцна „Црвените“ поведоа. Мохамед Салах нафрли во шеснаесетникот, а Алексис Мек Алистер погоди за 1:0. До крајот на полувремето Болоња имаше неколку добри прилики за израмнување. Во 32. минута Дан Ндоје ја погоди стативата, а две минути подоцна одлично шутираше Урбански, но Алисон беше подготвен. Ливерпул ја потврди победата во 75. минута со голот на Мохамед Салах.

Јувентус во одличен натпревар во Германија го победи РБ Лајпциг со 3:2, иако беше во заостанувањео со 0?1 и 1:2. Домашните поведоа во 30. минута. Тоа беше одлична контра на домаќините. Лоис Опенда го ифрли во преден план Бенџамин Шешек, кој одлично ја прими топката и потоа ја закова под пречката. Израмни Душан Влаховиќ во 50. минута. Само четири минути подоцна германскиот тим беше на неколку сантиметри од ново водство, Опенда шутираше од работ на шеснаесетникот и ја погоди стативата. Јувентус остана со играч помалку во 58. минута по играњето со рака на голманот Микеле ди Грегорио надвор од шеснаесетникот. Слободниот удар го изведе Опенда, топката удри во раката на Бремер, а судијата по ВАР асистенција покажа на пенал кој го реализираше Шешко. Јуве се врати само четири минути подоцна, Влаховиќ зо својот втор гол вечерва извонредно погоди за 2:2. Во 70. минута Опенда по вторпат на натпреварот ја погоди стативата, а решавачкиот момент се случи во 83. минута кога Франциско Консеикао мина двајца играчи во одбраната на домаќините и постигна убав гол за 3:2.

Бенфика во Лисабон го декласираше Атлетико Мадрид со 4:0. Керем Актуртоглу во 13. минута го доведе португалскиот тим во водство. На почетокот од продолжението Бенфика го зголеми водството. Конор Галагер го собори Вангелис Павлидис, судијата покажа на белата точка по проверката на ВАР, а Анхел Ди Марија погоди за 2:0. Фантастичниот настап на португалскиот клуб го продолжи Александар Бах по корнер во 75. минута за 3-0, а Оркун Кокча од пенал во 84. минута ги постави конечните 4:0.

Белгискиот клуб Бриж го совлада Штурм на гости со 1:0. Три бода на гостите им донесе Христос Цолис, кој извонредно погоди од работ на шеснаесетникот во 23. минута.

Фудбалерите на Динамо Загерб и Монако одиграа 2:2 (1:0) во Загреб. Динамо поведе со атрактивниот гол на Петр Сучиќ (45+3) на асистенција на Мартин Батурина, кој со фантастичен соло продор во 66. минута зголеми на 2:0. Монако го намали резултатот преку Ганецот Мохамед Салису по големата грешка на голманот Иван Невистиќ, а во 90. минута Швајцарецот Денис Закарија израмни од пенал. По поразот од Баерн со 2:9, Динамо одигра одлична и многу храбра партија, доминираше и поведе со 2-0, а потоа со две грешки на крајот им дозволи на Французите да избегнат пораз.

Аталанта во Гелзенкирхен го победи Шахтјор со 3:0. Откако во првото коло одигра 0:0 против Арсенал, Аталанта во второт коло го декласираше Шахтјор. Италијанскиот тим беше доминантен во текот на целиот натпревар, особено во првото полувреме, во кое гостите упатија 11 удари, а Шахтјор ниту еден. Аталанта веќе по првото полувреме водеше со 2:0, а можеше да постигне уште најмалку два гола. Гостите поведоа во 21. минута со голот на Берат Џимшити на асистенција на Адемола Лукман. Нигерискиот репрезентативец беше многу блиску до гол во 36. минута, но ја погоди гредата. Осум минути подоцна беше попрецизен, постигнувајќи брилијантен погодок за 2:0. Тимот од Бергамо веќе го постигна третиот гол во 48. минута на асистенција на Запакоста, а го постигна Раул Беланова.

Во следното коло Шахтјор ќе гостува кај Арсенал на 22 октомври, додека Аталанта ќе му гостува на Селтик ден подоцна.

Три бода на гости освои и Феенорд, кој со 3:2 ја победи Жирона. Жирона поведе во 20. минута со голот на Давид Лопет, но Феенорд до крајот на полувремето го сврте резултатот со головите на Јанхел Херера, кој ја погоди сопствената мрежа во 23. минута и Антонио Миламбо во 33. минута. Три минути подоцна Холанѓаните можеа да направат чекор поблиску до победата, но Ајасе Уеда не го реализираше пеналот. Неговиот удар го одбрани Пауло Газанига. И домаќините промашија пенал во 67. минута. Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски шутираше, но Тимон Веленројтер го запре неговиот удар. Седум минути подоцна Жирона сепак израмни, Дони ван де Бик погоди за 2:2. Сепак, во 79. минута холандскиот вицешампион стигна до нова предност. Ладислав Крејчи се обиде да го прекине додавањето, но ја погоди сопствената мрежа.

Ова беше прва победа за Феенорд, додека Жирона го забележа вториот пораз. Во третото коло Жирона на домашен терен игра со Слован Братислава на 22 октомври, а Феенорд на 23 октомври гостува кај Бенфика во Лисабон.

- Реклама -