Предвремени избори нема да има пред октомври 2020

За предвремени избори во државата се размислува дури во октомври 2020 со цел прво да ѝ се даде шанса на економијата, да се изгласаат важни закони како законот за ОЈО и статусот на СЈО и да заврши Самитот на НАТО во јануари 2020. Ова го брифираат високи извори во владејачката партија, од каде велат дека се размислува за ветинг во правосудниот систем, по одлуката на Европскиот совет за датум за преговори со Македонија.

Од партијата признаваат и се свесни дека јавноста е разочарана од случајот „Рекет“ и од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од која се очекувало да ја донесе правдата, но дека премиерот Зоран Заев го пријавил случајот во обвинителството и велат дека доколку целосно се процесуира случајот, тој ќе придонесе за добивање датум за преговори со земјава.

Извори од партијата велат дека постои напредок во преговорите за донесувањето на Законот за ОЈО со кој би се регулирал статусот на СЈО и дека нема да прифатат никакви уцени со предвремени избори за опозицијата да гласа за донесување на законот. Во владеачката партија има оптимизам дека ќе дојде до договор без да се поминат црвените линии.

Дури и ако не се постигне договор за овој закон, велат од владејачката партија, тој ќе се гласа во Собранието на 10 септември. Во тој случај, доколку законот не биде изгласан, според партијата, Советот на јавни обвинители треба да назначи в.д. специјален јавен обвинител, а се очекува сегашното СЈО до септември 2020 година да сака да ги забрза сите предмети со цел да се завршат. Високи партиски извори ја исклучуваат секоја можност предметите и актуелните истраги на Специјалното јавно обвинителство да пропаднат, но и имаат замерка дека голем дел од предметите досега се движат со бавно темпо и опструкции и тоа не смее повеќе да продолжи.

Партијата не е задоволна од бавноста на судските процеси во државата, но велат дека досега не сакале да спроведат ветинг во правосудниот систем токму поради противењата на ЕУ, бидејќи познати се негативните искуства со Албанија. Засега, првичните размислувања се ветингот да го спроведуваат меѓународни експерти.

Од владејачката партија брифираат за плановите и мерките во иднина, кои предвидуваат и зголемување на платите во државата, односно планот е 16.000 денари да изнесува минималната, а 30.000 денари просечната плата. Со оглед на тоа што постојат индиции дека 30 отсто од плаќањата се вршат на рака, односно во кеш, предвидени се мерки за стопирање на овој процес и целосно укинување на плаќањата на рака.

Владеачката партија останува на ставот за измена на изборниот модел и поголема демократија, односно воведување на една изборна единица со што помалите партии би добиле на важност, а најмногу ќе изгубат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата не се против ниту отворените листи, но нагласуваат дека тоа не е возможно да биде во комбинација со една изборна единица.

- Реклама -