Предложен план за намалување на рестрикциите и враќање во нормала, исполнети се сите клучни критериуми

Комисијата за заразни болести, согласно анализита за состојбата со коронавирусот во државата, ќе предложи план за намалување на рестриктивните мерки, кое ќе се одвива во неколку фази. Истиот ќе биде разгледуван и ќе оди на усвојување на денешната владина седница, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

Од оваа недела ќе се вратат во функција затворените трговски центри, центрите за едукација, обука, семинари, за организација на седници на органи за управување и конференции, автошколи, испитните центри, спортските тренинзи на отворено за индивидуални спортови (како тенис), како и спортски и други обложувалници, но само преку шалтерско работење.

Засега остануваат под клуч угостителските услуги. По анализата на состојбата од овој прв бран на реотворања, за следната недела ќе се разгледува отворање на угостителските објекти со послужување и тренинзите за отворено и за колективни спортови. Недела потоа, од 25 мај, согласно состојбата, ќе следува овозможување на игрите на среќа/казината, теретаните, базените и хотелите.

Олеснувањето на мерките ќе значи постепено враќање во нормала, но притоа задолжително ќе мора да се почитуваат определените протоколи, како и мерките за физичко дистанцирање и задолжително носење маски, што значи и бројот на лица во локалите и објектите, потенцираше Филипче.

Одлуката на Комисијата за заразни болести за олеснување на мерките следува врз основа на трите клучни критериуми кои ги зема во предвид и Светската здравствена организација (СЗО) при препораките за враќање во нормала во фази.

Тоа се: 1. дали епидемијата е под контрола, 2. дали здравствениот систем е во состојба да го изменаџира моменталниот број на пациенти, но и дали ќе може да се справи со повторно појавување на голем број случаи по олеснување на мерките, и 3. дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти и да идентификува евентуална појава на нови случаи.

Овие услови се исполнети, смета Комисијата. 1. Индикација за тоа дали епидемијата е под контрола е репродуктивниот број R0, кој треба да биде под 1.0, а кај нас веќе подолг период е меѓу 0.6 и 0.9, што значи дека секој заpaзен заpaзува, во просек, по помалку од едно друго лице, истакна Филипче. 2. Во однос на капацитетите, министерот потенцираше дека во ниту еден момент вкупниот број на капацитети не бил исполнет, како и дека во моментов државата располага со голем број празни капацитети. Мал е и бројот на пациенти кои имаат потреба од механичка вентилација, односно респиратор. 3. Во однос на последниот критериум, епидемиолошката анализа покажува дека над 80% од случаите имаат епидемиолошка поврзаност, што значи дека надзорот е ефективен. Со тоа, сите три критериуми се исполнети, објасни Филипче.

 

- Реклама -