Пратениците од власта одбија да се расправа за однесувањето на Џафери кон службениците, за ВМРО-ДПМНЕ со тоа Етичкиот кодекс од денеска не постои

Со пет гласа „против“ и четири „за“ денеска на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања не беше прифатен предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се расправа за пријавата за повреда на Етичкиот кодекс од страна на пратеникот Талат Џафери, претседател на Собранието. „Против“ дневниот ред гласаа пратениците од власта, а „за“ гласаа пратениците на опозицијата. Претседателот на Комисијата – Панчо Минов, констатираше дека не е прифатен дневниот ред и ја затвори седницата.

Следуваше реакција на опозицијата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски, изјави дека од денеска собранискиот Етичкиот кодекс не постои затоа што со гласањето „против“ дневниот ред на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања, пратениците од СДСМ го оправдале однесувањето на претседателот на Собранието – Талат Џафери, и неговиот однос кон администрацијата кој јавноста имаше можност да го чуе во снимката објавена на социјалните мрежи.

„Ова што денеска го доживеа администрацијата и на денот кога се случи, тоа што се направи со заклучувањето на пратениците, е нешто што се случува во секоја институција во целата држава, секој ден. Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или која било припадност. Вака функционира двоецот, СДСМ и ДУИ“, рече Мицевски, кој додаде дека овие две партии секогаш бегаат од одговорност, но дека одговорност ќе има, и тоа пред граѓаните.

Прочитајте и:  Филипче за „Клик плус“: Со ВМРО-ДПМНЕ на власт граѓаните ќе имаат се помалку пари во џебовите

Мицевски, воедно, повторно повика граѓаните да им се придружат на ВМРО-ДПМНЕ на протестот на 18 јуни, што, според него, ќе биде „почетокот на крајот на оваа аздисана власт и безредие кое владее“.

Пријавата беше поднесена од пратениците Дафина Стојаноска, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Рашела Мизрахи, Александар Николоски, Дајанчо Ефтимов, Александар Велјановски, Бети Стаменкоска Трајкоска, Зоран Коцевски, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Лидија Петкоска, Бојан Стојаноски, Велика Стојкова Серафимовска, Даниела Христова, Иванка Василевска, Благица Ласовска и Љупчо Пренџов.

Џафери, на последниот брифинг со новинарите, рече дека не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со погрдни зборови. Рече дека не смета дека го прекршил Етичкиот кодекс и посочи дека за ова прашање има процедура која тече во телата на Собранието.

Извор: МИА

- Реклама -