Пратеникот Арбен Зибери не е заразен, ама гласал од посебна просторија зашто не се чувствувал добро

Собранието демантира дека пратеникот на ДУИ кој гласаше „за“ владата од посебна просторија, бил позитивен на коронавирусот, иако медиумите кои ја пренесоа таа информација образложението го цитираа токму од собранискиот спикер Талат Џафери.

Како што се наведува во соопштението на кое му претходеа реакции од пратениците на Левица, се работи за пратеникот Арбен Зибери, кој ниту е позитивен, ниту бил тестиран, но гласал во посебна просторија превентивно, зашто не се чувствувал добро:

„Пратеникот не беше на седницата воопшто. Тој не се чувствувал добро, и истиот ниту е изолиран, ниту тестиран за Ковид-19, туку лично не се чувствувал добро. Од колегијален аспект го информирал претседателот на Собранието за неговата состојба. Потоа Претседателот на Собранието, по протокол на здравствената комисија што ни беше доставен преку препораките во случај некој да се двоуми, односно да сугерира дека не се чувствува добро, Собранието да биде подготвено со посебен простор за гласање. На горниот кат постои кабината за превод определена за таа намена, и пратеникот дојде само во моментот на гласање. Од автомобил директно се качи со лифт во просторијата, и по гласањето се врати во лифтот и директно во автомобилот, односно немаше контакт со никого. Лифтот после него не беше во функција сѐ до моментот на дезинфицирање. Претседателот Џафери целосно ги почитуваше препораките од комисијата“, велат од Собранието.

Пратеникот Арбен Зибери е внукот на Насер Зибери, кој беше кандидат за премиер Албанец на ДУИ. Тој беше и директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, но беше разрешен од министерот Венко Филипче поради политичка злоупотреба на корона-кризата и нарушување на угледот на Комисијата за заразни болести, кога преку Фејсбук статус порача дека придонел да се отворат границите и ги повика Албанците да дојдат да гласаат за неговиот чичко. Зибери беше и пратеникот за кого медиумите пишуваа дека, заедно со Изет Меџити, не се согласувал со дел од предложените кандидати од страна на ДУИ.

ДОПОЛНЕТО: Во однос на дилемите во јавноста, се огласи и самиот Зибери.

„Би сакал да ве информирам околу дилемите што се шират од вчера за моментот кога морав да присуствувам седницата на Собранието предвидена за гласање за формирање на Влада.

Од утрото не се чувствував добро и за да не го загрозам здравјето на другите, во соработка со Претседателот на Собранието и со колегите, решив да гласам согласно протоколите или сам во кабината, без никаков контакт со другите, вели Зибери.

Не направив тест за да знам дали сум ПОЗИТИВЕН на Ковид-19, па ги молам јавноста и порталите да не манипулираат со информацијата“, напиша Зибери на Фејсбук, посакувајќи им здравје на сите.

- Реклама -