Пратеник со Ковид-19 гласаше од посебна просторија во Собранието, остри реакции од Левица

„Ноќва, во Собранието на РМ, беа прекршени сите безбедносни протоколи за заштита на јавното здравје и, преку противправно внесување на суспектен или заразен пратеник, беше ставено под огромен ризик здравјето на сите пратеници!
За ова некој треба и мора да ОДГОВАРА!“, реагира пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, надоврзувајќи се на реакцијата на неговиот сопартиец и колега – Борислав Крмов, кој обвини дека Владата го ризикува здравјето на сите пратеници и собранискиот персонал само за да продолжи да владее.

Како што пренесува „Фокус“, а соопшти синоќа собранискиот спикер Талат Џафери, се работи за пратеник од владејачкото мнозинство, кој бил изолиран затоа што е позитивен на коронавирусот. Со неговиот глас, новата Влада беше избрана со 62 гласа. Според порталот „Курир“, се работи за пратеник од редовите на ДУИ, кој гласал под посебен протокол. Тој два дена не доаѓал на работа и не бил помеѓу другите пратеници.

„Вечерва владеачкото (во тој момент уште неизгласано) мнозинство, внесе пратеник во Собранието на Република Македонија, болен или сомнителен на Covid-19, само неколку минути пред полноќ! Во непозната просторија само за да гласа. Бевме известени буквално 2 минути пред гласањето за избор на Влада“, реагира Крмов од Левица.

Прочитајте и:  МВР: Пратеници добиле имејл-порака со заканувачка содржина, се преземаат мерки за расчистување на случајот

„Неколку работи ме интересираат:

-Ако и болен со треска може да влезе во Собранието зошто тогаш на влез на сите ни мерат температура?

-Дали службите мене или било кого од опозицијата ќе нѐ пуштеа внатре во Собрание, ако имавме температура или било какви симптоми исто како него?

-Ако не, тогаш како е тој пратеник над другите 119 пратеници?

-Дали ако во иднина 2, 5, или 10 пратеника од владејачкото мнозинство заболат од Covid-19 планираат да ни ги носат во Собранието по непознати простории да гласаат, само да се одржат на власт?“, праша Крмов во статус на Фејсбук.

„Владата му диригира на Собранието што сака и е спремна здравјето на сите пратеници и собранискиот персонал да го стави на ризик само за да продолжи да владее. Се соголивте уште првиот ден!“, констатира тој.

- Реклама -