Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се за смена на Гаши: Лоцирана е одговорноста и поднесена е кривична пријава

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не смета дека е потребна смена на претседателот на Собранието Африм Гаши бидејќи, како што наведува партијата во соопштение, одговорноста е лоцирана и е поднесена кривична пријава.

-Институциите како никогаш до сега преземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријави, а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих, соопшти ВМРО-ДПМНЕ како реакција на интерпелацијата за работата на Гаши која денеска во Парламентот  ја поднесе партијата Левица и на брањето на СДСМ вчера – премиерот Христијан Мицкоски итно да го смени  Гаши од претседател на Собранието.

Инцидентот во кој пред пет дена на Скопскиот аеродром учествувал шеф на обезбедувањето на Гаши е една од седумте точки/основи на кои партијата на Димитар Апасиев ја темели интерпелацијата.

Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ вели дека за разлика од минатото, „кога никој со прст не мрднуваше“, институциите сега постапуваат и има лоцирана одговорност и кривична пријава.

Прочитајте и:  Сали чека за инцидентот на Скопскиот аеродром да се произнесат надлежните, не смета дека Гаши ги прекршил ингеренциите

-Да потсетиме, имаше времња  кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десетици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС.  Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого.  Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не нè изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина, соопшти  Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува и дека нивниот лидер,  Христијан Мицкоски,  изнел „јасна порака дека никој не е над законот“.

-ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите, се додава во соопштението на владејачката партија.

- Реклама -