„Повлекувањето“ на ВМРО-ДПМНЕ од „договореното“ ќе ги разочарало граѓаните и меѓународната заедница, вели Ковачевски

„Сега треба да се оди кон примена на договореното и јавно кажаното на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени, а не кон толкување што некој сакал да каже, бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, иако токму тој изминативе денови „толкува“ дека ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени а ДУИ прифатиле да не бидат дел од влада, иако условите на двете партии комплетно се разидуваат (за да ги поддржи, ВМРО-ДПМНЕ бара уставните измени да стапат на сила на денот на членството на земјава во ЕУ, а ДУИ се согласува да не биде дел од влада само ако уставните измени се изгласаат и стапат на сила веднаш).

И покрај тоа, Ковачевски денеска повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени“, а притоа и порача дека „демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба, би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница“.

„Како државнотворна партија која секогаш ги носела најтешките и најголемите одлуки за државата, му даваме шанса на ВМРО-ДПМНЕ првпат да учествува во носење одлука од којашто зависи остварување стратешка цел за државата. Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, односно да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од она што беше договорено и искажано на прес-конференцијата сметам дека би било големо разочарување како за граѓаните, така и за меѓународната заедница која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ и до 2030 година да биде членка“, изјави Ковачевски, прашан кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив.

„Тоа што беше кажано на прес-конференцијата за нас е прифатливо, а прифатливо е и за ДУИ и за другите партии во нашата коалиција – ЛДП, НСДП и ДОМ. Сметам дека сега треба да се оди кон имплементација на она што беше договорено и јавно кажано, а не кон толкување што некој сакал да каже бидејќи тоа што беше кажано всушност и беше разговарано“, инсистира Ковачевски.

Прочитајте и:  Митева: Филипче, Заев и Ковачевски свесно ја втурнаа Македонија во црно сценарио, да биде оставена сама на Балканот и неинтегрирана

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по лидерската средба „потврдиле дека немаат ништо против уставните измени“ (иако од самиот почеток од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека немаат против вклучување на Бугарите, но имаат против вклучување на Бугарите под услови кои ги диктира Бугарија, вклучително и билатералниот протокол во склоп на францускиот предло, и без гаранции дека нема да поставува нови услови и блокади).

„Во текот на целиот изминат период тие обвиниваа дека со уставните измени и вклучувањето на други делови од народи во нашата Преамбула државата ќе била бугаризирана, асимилирана, ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот. Ние кажувавме и кажуваме дека тоа не е точно, меѓутоа сега и ВМРО-ДПМНЕ потврди на таа прес-конференција дека нема ништо против уставните измени“, вели Ковачевски.

На средбата, како што рече, се разговарало дека „ВМРО-ДПМНЕ сака да влезе и да биде дел од Владата“, а СДСМ тоа „го прифатила“, вклучително и да отстапи половина од министерските места.

„ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов – Демократската унија за интеграција да не учествува во таа Влада, што јас го оценив како барање кое може да предизвика одредена политичка динамика, но ДУИ тоа го прифати експересно. За тоа дека може да предизвика политичка динамика потврдата дојде подоцна кога и Алијанса за Албанците и БЕСА кажаа дека тие нема да учествуваат во таква влада, како што беше побарано за ДУИ, но, тоа беше желба на ВМРО-ДПМНЕ, изразена преку нивниот претседател на партијата“, тврди Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -