Поведена постапка против началници и полициски службеници кои не санкционирале возач што возел со 272 км/ч (ВИДЕО)

Поведена е постапка против началници и полициски службеници бидејќи не санкционирале возач кој на 6 мај годинава со „порше“ возел 272 километри на час на автопатот Скопје-Велес. Возачот наместо да биде санкциониран бил само предупреден.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против четворица полициски службеници кои не презеле мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата против возач кој се движел со брзина од 272 километри на час, туку учесникот во сообраќајот бил само предупреден, соопшти денеска МВР.

По извршените проверки, преглед во службениот материјал и увид во видео снимките од радар за 6 мај 2024 година, констатирано е дека двајца полициски службеници, постапувајќи по наредба за мерење на брзината на движење на возила со радар на автопатот Скопје-Велес, констатирале сообраќаен прекршок, односно измериле брзина на движење на моторно возило „порше“ од 272 километри на час, на место каде движењето било ограничено на 120 километри на час со сообраќаен знак.

Прочитајте и:  Кривична пријава против 25 вработени во МВР за несовесно работење во службата

-Наместо да изготват записник за констатиран прекршок и прекршочен платен налог, имајќи предвид дека за ваков вид на прекршок согласно член 36 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е предвидена глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност и забрана за управување со моторно возило од шест до 12 месеци, на сторителот му изготвиле само предупредување за сторен сообраќаен прекршок, се наведува во соопштението.

Началникот на Мобилна единица за безбедност на сообраќајот на патиштата побарал од началникот на Оддел за униформирана полиција – Сектор за сообраќајни работи да не биде напишана казна за сторениот прекршок, поради што началникот на Оддел за униформирана полиција – Сектор за сообраќајни работи извршил влијание врз полициските службеници да не констатираат прекршок по член 36 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, туку само да изречат предупредување.

Против четворицата полициски службеници, како што информираат од МВР, поднесен е и предлог за поведување на постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина.

- Реклама -