Пред многу години, во една земја живеел мудар крал. Имал среќа во сé, но немал деца. Многу сакал да има престолонаследник, па често размислувал да посвои некое од децата од кралството. И конечно решил:
– Ќе го најдам најискреното, вистинољубиво дете во нашата земја и ќе го воспитам!
Еден ден, кралот наредил да ги соберат децата од кралството и да ги донесат кај него во кралскиот двор. Им поделил по едно семе од цвеќе и им рекол:
– Тој што од ова семе ќе одгледа најубаво цвеќе, ќе ми стане син или ќерка.
Сите деца се труделе да го одгледаат семето и да го импресионираат кралот. Се трудел и Суир. Поминале 10 дена, поминал месец, а неговото цвеќе не се појавило. Конечно дошол и денот што кралот го одредил како ден кога децата ќе треба да дојдат и да му ги донесат цвеќињата. Дворот се наполнил со момчиња и девојчиња, а цветовите во саксиите што ги носеле биле кој од кој поубав.
Кралот одел од дете до дете и ги разгледувал цвеќињата, сé додека не стигнал до Суир. Тој стоел со празна саксија во рацете и плачел.
– Каде е твоето цвеќе?, го прашал кралот.
Суир, низ солзи, раскажал дека пробал сé што знаел, но дека семето не никнало. Тогаш кралот го зел за рака и извикал кон толпата:
– Еве го мојот искрен, вистинољубив син!
Од сите страни се јавило негодување:
– Зошто тој? Па тој донесе празна саксија!, викале децата и родителите од сите страни.
Кралот задоволно, но строго одговорил:
– Затоа што на сите им поделив сварено семе! Не е возможно од такво семе да никне цвеќе!