Поучен експеримент: Мајмуни и банани

Толку различни, а сепак толку слични. Згора на тоа, и ден денес има еден куп мајмуни што шетаат меѓу нас. Па, да научиме нешто од нив:

ЕКСПЕРИМЕНТОТ:

Група научници ставиле 5 мајмуни во кафез, а во средината поставиле скала со банани на врвот. Секогаш кога некој мајмун ќе се качел на скалата, научниците ги посипувале останатите мајмуни од групата со студена вода. Со тек на времето, мајмуните развиле одбранбена навика. Секогаш кога некој мајмун ќе стапнел на скалата, останатите од групата го претепувале и го спречувале во намерата. На крајот, ниту еден мајмун од групата веќе не се осмелувал да се качи по скалата, колку и да го искушувале бананите на врвот.

Тогаш, научниците решиле да заменат еден од мајмуните. Првото нешто што новиот мајмун го направил е да се качи на скалата и да посегне по бананите. Во истиот момент, остатокот од групата го претепувал и го одвратувал од намерата. По неколку тепања, новиот мајмун научил дека не треба да се качува по скалата, иако никогаш не дознал која е причината.

Потоа, научниците замениле уште еден мајмун од групата. Настаните се одвивале како и при првата замена, со тоа што сега и првиот заменет мајмун учествувал во тепањето на новиот дојденец. Тогаш бил заменет и трет мајмун и се продолжило да се случува како и во претходните случаи. Немало промени ниту кога четвртиот мајмун од групата бил заменет. И тогаш, конечно, бил заменет и последниот „староседелец“ во кафезот.

Она што сега останало во кафезот била група од пет „нови“ мајмуни, кои иако никогаш не добиле студен туш, продолжиле да го претепуваат секој од нив што ќе се обидел да се качи на скалата. Кога би постоел начин да ги прашаме зошто ги претепуваат тие што ќе се обидат да се качат кон врвот, дојденците веројатно би одговориле „Не знам, едноставно така овде функционираат нештата“.

ЗАКЛУЧОКОТ:

И ние луѓето често ги правиме нештата на одреден начин само затоа што и другите така ги прават. Преиспитајте се. Можеби постои и поинаков начин. Можеби студениот туш нема и вам да ви се случи.

- Реклама -