Последниот пат кога светот се најде пред нуклеарен амбис

Од атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки во август 1945 година, светот се најде на работ од нуклеарна војна само два пати. Првиот беше за време на познатата Кубанска ракетна криза од 1962 година. Вториот пат, за кој многу помалку се зборува, се случи во раните денови на Јомкипурската војна, која почна пред 40-тина години.

Шокот што на Израелците им го приреди изненадниот египетско-сириски напад на 6 октомври 1972 може да се спореди со тој на Американците кога Јапонците ги нападнаа во Перл Харбор. Израел беше фатен тотално неподготвен: владата претпоставуваше дека разузнавачките служби ќе си ја завршат работата и дека ќе предупредат на било каква инвазија барем 48 часа пред да почне.

Сепак, иако израелските разузнавачи имаа детални информации за египетските и сириските воени планови, дури и премиерката Голда Меир беше тајно предупредена за претстојна војна од Крал Хусеин од Јордан на 25 септември, информацијата не се преточи во воена подготвеност. Колосалната грешка – настаната што заради ароганција, самозалажување и/или мисперцепција, и ден денес ѝ стои на „контото“ на Голда Меир.

Дури рано утрото на 6 октомври изралеското водство конечно сфати дека се соочува со целосен напад од Египет и Сирија, кој ќе се случи уште вечерта. Но дури и тоа беше погрешна проценка – нападот почна во 14:00 часот попладне. Веќе до следното утро, египетската армија го имаше поминато Суецкиот залив и воени единици од сириски тенкови имаа пробиено длабоко во Голанските висорамнини. Стотици израелски војници загинаа во херојските но очајни обиди да ги одбранат малите, изолирани упоришта долж израелската граница.

Ситуацијата на 7 октомври

На Израел му остана само да се надева дека со пристигнување на израелските резервни единици состојбата ќе се промени. Тоа и се случи делумно, но на сирискиот фронт. На Суец ситуацијата и понатаму беше катастрофална за Израел. Израел првпат проба да возврати со контраудар на 8 октомври – и мизерно потфрли. На крајот на тој ден, министерот за одбрана – Моше Дајан веќе пелтечеше дека се ближи „крајот на Третото кралство“. Командантот на авијацијата проценуваше дека со степенот на загуби што ги трпеше Израел, за една недела земјата веќе ќе нема никакви ефективни воздушни сили. Несомнено, тоа беше најцрниот ден во историјата на израелската армија.

Рано утрото на 9 октомври, сениорските воени лидери на Израел се состанаа и за прв пат предложија користење на израелските нуклеарни оружја. До тој момент, Израел веќе имаше изгубено 50 борбени авиони и повеќе од 500 тенкови – 400 од нив само на египетскиот фронт. Според книгата на израелскиот новинар Ронен Бергман, кога врвниот веон советник ги слушнал овие предлози, со насолзени очи му се обратил на армискиот заменик командант со зборовите: „Мораш да ги спасиш луѓето на Израел од овие лудаци“.

Подоцна тоа утро, на крајот од мрачниот брифинг пред воениот кабинет, министерот Дајан ја предложил нуклеарната опција и пред премиерката. Нема детален извештај за тоа што точно предложил Моше Дајан, но се знае дека дал општа оценка дека Израел се ближи кон „последната опција“. Притоа, тој се погрижил и САД да забележат дека ситуацијата е стигната до употреба на нуклеарно оружје, иако сето тоа било кажано со „шифри“, бидејќи во тоа време никој не се осмелувал да ги нарече по име. Ова подоцна го потврди и Нафтали Лави, кој за време на војната му беше портпарол на Моше Дајан.

Сето ова ги постави предусловите кои го дефинираа другиот дел од наследството од Голда Меир – нуклеарниот. Поддржана од другите членови на нејзиниот воен кабинет, таа одбила да ја послуша апокалиптичната реторика на министерот за одбрана. Нејзината идеја, наместо нуклеарно оружје, била тајно да одлета до Вашингтон и, како што подоцна ќе напише Хенри Кисинџер, да побара и испреговара помош од претседателот Никсон.

На Кисинџер не му се допаѓала идејата, со образложение дека таква избрзана посета може да резултира само со хистерија или уцена. Но дотогаш американските разузнавачи веќе добија информации дека Израелците ги ставиле своите Џерихо проектили, способни да носат нуклеарни боеви глави, на висок степен на готовс. Додуша Израелците намерно го направија тоа така видливо, за да ги натераат САД да се впуштат во превентивна акција.

Наместо тоа, Кисинџер почна да праќа воени залихи до Израел преку воздушен пат, а веќе за три дена беше воспоставена интензивна воздушна помош од САД за Израел. На воените фронтови дојде до пресврт. До 21 октомври, Израелците беа на 30-тина километри од Дамаск и го имаа поминато Суецкиот залив, заобиколувајќи ја Египетската трета армија. За неколку дена беше воспоставено огнено примирје.

Исто како и Џон Ф. Кенеди една декада пред неа, Голда Меир се соочи со амбисот наречен нуклеарно оружје, но за среќа, најде пат назад кон разумот. Нејзината одлука да не го прифати песимизмот на Моше Дајан не само што спречи нуклеарна катастрофа, туку му демонстрираше и на светот дека Израел е одговорен старател на нуклеарно оружје на кој светот може да се потпре.

Но наследството од Меир оди и надвор од тие денови во октомври 1973-тата. Нејзината промисленост значително придонесе за нуклеарното табу т.е. за сознанието дека нуклеарното оружје не е како било кое друго оружје што човештвото некогаш го измислило, и дека не треба да се користи никогаш и под (речиси) никакви околности.

 

- Реклама -