Во 1962-та година, САД и Советскиот Сојуз беа на работ на взаемно уништување, а светот трепереше, очекувајќи можна нуклеарна зима и разорни уништувачки последици како резултат на Студената Војна.
До 1962-та, САД имаа свои нуклеарни проектили во Турција и Италија, способни да стигнат и да ја погодат Москва за само 16 минути. Од друга страна, СССР располагаше со перфектно насочени нуклеарни проектили способни да ги уништат сите сојузници на САД низ Европа, но и доволно нуклеарки да го уништат секој поважен американски град. Она што им недостигаше беше сигурноста дека нивните интерконтинентални балистички ракети ќе ги погодат саканите цели. Ваквата состојба значеше солидна предност за САД – многу воени стратези беа подготвени да ги жртвуваат европските сојузници и дел од евентуално погодените американски градови, ако резултатот би бил конечно отстранување на заканата наречена Советски Сојуз. Но, во мај истата година, Фидел Кастро и Никита Хрушчов постигнаа таен договор, што им овозможи на Советите да постават нуклеарни ракетни системи, дури 42 од нив, на територијата на Куба. Ова практично значеше изедначена состојба на шаховската табла на Студената Војна.
Есента, САД испратија американски U-2 авион да ја надлета Куба и да ги провери гласините за Советските проектили во Куба. На 14 октомври, авионот се врати полн со фотографии од ракетните системи, кои следниот ден беа презентирани и пред американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Како резултат, тензијата се зголеми, а алармите го означија почетокот на 13-дневната неизвесност позната како Кубанска Ракетна Криза.
36 години пред овој историски момент, на 30-ти јануари, во 1926-тата, во Стараја Купавна (близу Москва), се роди Василиј Архипов. Во 1961-та, годината пред почетокот на Кубанската криза, тој беше назначен за заменик командант на новата К-19, една од првите советски нуклеарни подморници, вооружена со нуклеарен балистички проектил. На 4-ти јули, додека подморницата изведуваше воени вежби кај Гренланд, беше откриена голема пукнатина и истекување на системот за разладување, што заедно со немањето на помошен систем, значеше огромна опасност од топење на нуклеарниот реактор. Во обид да се избегне нуклеарна катастрофа од невидени светски размери, капетанот испраќаше работници во зоните со висока радијација за да изградат разладувачки систем на самото место. Василиј ги искористи своите инженерски познавања до максимум, помагајќи му на екипажот да ја стабилизира состојбата и да избегне катастрофа. Сепак, огромен дел од работниците развија акутна радијациона болест, а сите оние што беа дел од првите „борбени“ линии, починаа во следните денови. Ова беше причина екипажот на подморницата да се крене на бунт; ситуација во која Архипов застана на страната на капетанот и го поддржа во продолжувањето на мисијата, за што подоцна доби медал за храброст во време на криза и лојалност кон Советскиот Сојуз. А всушност, ова беше само подготовка за она што го чекаше Василиј.
По овие настани, тој беше именуван како втор во командата на B-59, една од четирите напаѓачки подморници испратени кон Куба на 1-ви октомври, 1962-та, опремена со 22 торпеда, од кои едно нуклеарно, со иста моќ како бомбата фрлена на Хирошима; само неколку луѓе знаеја дека подморницата носи нуклеарно торпедо, додека пред екипажот се користеше исклучиво терминот „специјално оружје“. Капетанот на секоја од подморниците имаше дозвола самостојно да одлучува за испалување на торпедата, се додека има поддршка од политичкиот офицер на подморницата. Во меѓувреме, на 24-ти истиот месец, САД започна поморска блокада на Куба и објави дека ќе исфрла предупредувачки експлозиви во водата, со цел да ги примора подморниците да изронат на површината и да бидат идентификувани. Екипажот на B-59 немаше пристап до ваквите сознанија – веќе 20-тина дена, подморницата се наоѓаше предлабоко за да ги прими предупредувачките радио-трансмисии од Москва, со изморен екипаж кој не беше запознат со околностите.
Преголемата тензија и експлозивите во водата го уверија капетанот на В-59 – Валентин Савицки, дека нуклеарната војна е веќе започната. Сакајќи да возврати на „нападот“, тој и неговиот политички офицер наредија испалување на „специјалното оружје“.
Неверојатно среќна околност е што уште еден човек имаше право на вето на испукувањето, поточно, токму Василиј Архипов. Иако втора команда на подморницата B-59, тој беше лидер на флотата од четирите советски подморници. Сметајќи ја одлуката за крајно ризична и штетна, особено по 20 дена без контакт со Москва, Архипов застана сам на страна на разумот и побара подморницата да изрони и да ја контактира командата во Москва пред да преземе било каква акција. Легендата (и веројатно само легенда) вели дека имало размена на удари, но дека преовладала херојската репутација со која Василиј се здобил на K-19. По сите перипетии, В-59 исплива на површината, а по неизбежната средба со американскиот непријател и инструкциите да се врати во Русија, подморницата го смени курсот кон Исток. Секаков друг исход несомнено ќе значеше напад на Москва и почеток на Трета светска нуклеарна војна со поразителни последици за човештвото.
Во татковината, екипажот на В-59 беше пречекан со презир – во суштина, тие се предадоа на американскиот непријател и го изневерија СССР. Еден од руските адмирали дури отворено и порача на посадата дека „Подобро ќе беше да потоневте и вие и вашиот брод“.
Сепак, за Олга Архипов, еден е човекот што го спаси светот, а неговото име е Василиј Архипов. „Бев горда и сум горда на мојот сопруг. Секогаш“.
Василиј почина на 19-ти август, 1998-та година, на 62-годишна возраст, од радијациско труење. Иако последниве години тоа полека се менува, тој сеуште не ја добива заслужената почит и благодарност.